ВМРО-ДПМНЕ: Од непостоечки имот на сопругата, Шилегов добива 700 евра месечна закупнина

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Стојкоски денес истакна дека портпаролот на СДСМ Петре Шилегов ја манипулира јавноста и побара тој да објасни како од непостоечки имот на неговта сопруга, тој месечно добива 700 евра закупнина.

интегрален текст од прес-конференцијата на Александар Стојкоски

Петре Шилегов со денови ја манипулира јавноста и изнесува фабрикувани информации и шпекулации. Наместо со факти тој се служи со конструкции и лаги.

Доколку сака Шилегов да говори за вистински скандал, тогаш треба да го објасни неговиот анкетен лист и чудните и небулозните информации кои ги запишал во него.

ВМРО-ДПМНЕ за разлика од Шилегов говори со факти.

Петре Шилегов во својот анкетен лист покрај другите луксузи, имоти и приходи, навел дека под ставката други приходи добива месечна закупнина од имот на брачен другар во висина од 43 000 денари, односно околу 700 евра.

Во анкетниот лист на господинот Шилегов воопшто не е наведено дека неговата сопруга поседува било каков недвижен имот, но тоа не му пречело да наведе дека од непостоечки имот, според приложеното во Државната комисија за спречување на корупцијата, тој остварува приход од 700 евра секој месец.

Anketen-list-Silegov500

Го прашуваме Петре Шилегов како е возможно да добива приходи од имот на брачен другар на име закупнина, кога неговата сопруга не поседува никаков недвижен имот.

И според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности сопругата на Петре Шилегов не е запишана како носител на право на недвижен имот во катастарот на недвижностите.

Ова е пример како работи господинот Шилегов. Тој добива месечно 700 евра од извор кој не е пријавен и не постои во двете надлежни државни институции, во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Агенцијата за катастар на недвижности.

Го повикуваме Петре Шилегов да излезе во јавноста и да каже од кој имот на неговата сопруга добива 700 евра месечна закупнина.

После случајот со Радмила Шекеринска која наплаќаше месечна кирија од 5000 евра за   станот во кој живее, сега има индиции дека Петре Шилегов наплаќа закупнина за имот кој не постои.

Петре Шилегов наместо да се занимава со договори за закупнина на други лица кои законски и уредно го пријавиле својот имот и приходите кои ги остваруваат од него, треба да каже зошто информациите кои ги поднел во неговиот анкетен лист не соодетствуваат со пријавените податоци во Агенцијата за катастар на недвижности.

Уште колку приходи Петре Шилегов има сокриено?

Дали преку ваквите приходи Петре Шилегов го има стекнато имотот од речиси 900 000 евра?