ВМРО-ДПМНЕ: Од животот кој го ветуваше СДС има само осиромашување

Интегрално соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

„Од животот кој го ветуваше СДС досега само се видоа планови за поскапување, зголемени трошоци за живот и осиромашување на граѓаните.

Врвот на лицемиерието е што од една страна владата на СДС вели ќе воведе зголемен персонален данок за побогатите, а во реалноста удира по најсиромашните со тоа што најавуваат забрана за движење на постари возила кои ги користат оние со потенок џеб и примања, поскапа нафта, како и поскапување на паркингот.

И наместо живот за сите, за кус период од една недела СДС најави зголемена акциза за нафта, со која на семејствата ќе им одземе по една просечна плата месечно, зголемен персонален данок, зголемени цени на паркинг услугите во Центар и на ниво на Град Скопје, како и најави за поскапување на сметките за водата. Буџетот наместо за развојни проекти ќе го полнат со зголемени давачки за граѓаните, наместо со капитални инвестиции главниот извор им се казните, изрекувањето на глоби за граѓаните и селективно спроведување на законите.

Ова ли е животот кој лажно го ветуваа? Лагата за живот станува поголема и од онаа за по еден вработен од секое семејство. А, на нејзе се надоврзува и онаа дека ќе го исчистеле воздухот чија загаденост урива рекорди. И досега на тој план видовме само популистички и неефикасни потези, состаноци и празни удирања во гради без било каков продлабочен план или стратегија.

СДС има влада 6 месеци и сега поседува апсолутна власт, ниту живот донесоа, ниту воздухот е почист. Но затоа укинаа проект како Ден на дрвото преку кој се засадија над 36 милиони садници на дрва со над 50 отсто на успешност на акцијата“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.