ВМРО-ДПМНЕ одговара на обвинувањата за продажбата на градежната парцела за изградба на хотел

ВМРО-ДПМНЕ денес одговори на обвинувањата од СДСМ во врска со продажбата на градежната парцела за изградба на хотел во Скопје.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Илија Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ е во паника заради неколку причини. Прво, заради тешките внатрепартиски проблеми, второ заради немањето на реално остварлива и прифатлива програмата, трето заради стотината скандали на нивниот лидер поврзани со тендери за роднини и со неговата имотна состојба. За да ја покријат таквата состјба и за да ја занимаваат јавноста, се обидуваат да креираат скандали насекаде. СДСМ се спремни дури и отварањето на нови фабрики во зоната Бунарџик да го прогласат за скандал, само за да си ги покријат своите проблеми. Но аргументите и вистината се видливи.

На почетокот би сакал да потенцирам дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш и за секоја продажба на градежна парцела го применува моделот на оглас и јавно наддавање, без исклучок. Прва работа што ВМРО-ДПМНЕ ја направи во оваа област уште во 2006 година беше промена на Законот со што се оневозможи продажба на државно градежно земјиште во четири очи зад затворени врати, како што беше во време на СДСМ.

Локацијата за која говорат од СДСМ е оттуѓена според транспаретна и законска постапка, по пат на јавно наддавање на кое може да се пријават сите заинтересирани инвеститори кои ги исполнуваат условите и имаат намера на оваа локација исклучиво да градат хотел, а не било каков друг објект (трговски центар, станбени згради за продажба на станови итн).

Огласот за продажбата на земјиштето беше јавно објавен на 16.12.2013 година на веб-сајтот на Министерството за транспорт и врски и во повеќе весници и тој траеше до 10.01.2014 година односно цели 25 дена.

Постапката по огласот беше транспарента и траеше 25 дена и на огласот можеше да се јави секоја компанија која е заинтересирана да гради хотели. На огласот можеше да се јави и било која фирма, од многуте на Зоран Заев, на огласот можеше да се јави фирма и на Ристо Пенов или било која друга фирма или поединец која што е заинтересирана да инвестира во секторот на хотелиерството и да се занимава со хотелиерскиот бизнис.

Почетните цени за отуѓување на градежното земјиште, кое е во државна сопственост на Република Македонија се утврдени со „Уредбата за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп на државно земјиште, сопственост на Република Македонија“ и истите почетни цени се различни во зависност од намената на земјиштето. Една цена е ако инвеститорот гради деловен објект, друга цена е ако гради станбени објекти индивидуални или колективни, трета цена е ако гради хотели, четврта цена е за други намени. Оваа уредба е во сила веќе четврта година и јавен документ кој е достапен на целата јавност.

Целата ваква поставеност и политика е со намера да се стимулираат инвестициите во туризмот и во градежништвото. Би потенцирал дека градежништвото е сектор кој во минатата година порасна за околу 30% и претставува мотор на економијата во државата. Република Македонија во минатата година е помеѓу првите четири економии со најголем пораст во Европа, благодарение најмногу на градежниот сектор кој околу себе врзува уште 26 стопански гранки. Во таа насока државата спроведува и повеќе други политики како што се продажба на државно градежно земјиште за стамбени или индустриски објекти за 1 евро по метар квадратен, легализација на објекти по иста цена, намалување на ДДВ за продажба на новоизградени станови, поволни стимулации и кредити за купување на станови и куќи итн.

Наша цел е да го стимулираме градежништвото, а со тоа и целокупната економија. Во овој случај не е постигната висока цена, но тоа е така заради интересот или неинтересот на инвеститорите или заради атрактивноста или неатрактивноста на локацијата, за која потенцирам е предвидена изградба исклучиво на хотел и ништо друго. За волја на вистината за други парцели во Скопје се достигнаа и многу повисоки цени, па дури и до 600 или 2000 евра за метар квадратен што потврдува дека во просек ваквата политика дава исклучително оправдливи резултати.

Она што дополнително се стимулира е развојот на туризмот во главниот град и во целата држава. Во последните години е значително пораснат бројот на странски туристи токму благодарение на стимулирањето на развојот на туризмот. Тоа од друга страна значи директен влез на готови финансиски средства во нашата економија.

Станува збор за легитимна законска постапка во која секој има право да учествува и во која е загарантирана конкурентноста. Цената на земјиштето ја одредува пазарот, а Владата го стимулира само развојот на туризмот, новите инвестиции и развојот на градежништвото.