ВМРО ДПМНЕ: Однесувањето на Заев е класичен кукавичлук и обид да го прикрие изборниот срам

Прес конференцијата на Зоран Заев е тотална лага и измислица. Ваквото однесување на Заев е класичен кукавичлук и е катастрофален обид да го покрие изборниот срам што му се случи во неделата, се вели во писмената реакција од ВМРО ДПМНЕ на прес конференцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој обвини дека премиерот Никола Груевски зел 1,5 милиони евра од познат бизнисмен.

„Ваквите измислици и ваквиот начин на дејствување не се нови за СДСМ. Секогаш користеле навреди, лаги, омаловажувања и манипулации. Народот му кажа што мисли за неговот концепт во неделата, но тој во неговата самобендисаност и ароганција, не разбирајќи ја пораката од народот дека нема доверба во него, живее во некој свој свет во кој што сите се криви, народот е крив, само тој никако не е крив.Тоа доаѓа од човекот кој се откорна од делење тендери на своите браќа, братучеди, чичковци, снаи и доаѓа од човекот кој доби аболиција за сторен криминал од 8 милиони евра од неговиот ментор Бранко Црвенковски“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од партијата апелираат граѓаните да го казнат, како што велат, несериозното и потценувачко однесување на Заев.

„Ние ќе продолжиме да ја почитуваме волјата на граѓаните и ќе продолжиме да работиме на презентација и реализација на над 2046 проекти кои, убедени сме, ќе донесат добро на граѓаните. Зоран Заев сам ќе потоне во сопствената негативна кампања базирана на лаги“, се вели во реакцијата.