ВМРО-ДПМНЕ: Она што Заев сега го зборува Македонија го имаше пред тој да ја започне кризата

СДСМ не смее да ретерира од ветувањата кои им ги даде на граѓаните. Зоран Заев вети брзо членство во ЕУ и НАТО без да се задира во идентитетските прашања и без да се склучуваат какви и да се договори на штета на националните и државни интереси, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на претходната изјава на премиерот Зоран Заев дадена на средбата со граѓанските организации.

„Тоа што Заев сега го говори, ослободување на препораката од дополнителните услови, Република Македонија го имаше до 2015 година, односно до моментот кога СДС крајно неодговорно ја втурна земјава во политичка криза“, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа партија порачува дека граѓаните не смее да бидат манипулирани и оти граѓаните паметат дека Радмила Шекеринска ветуваше решавање на прашањето за името во рок од шест месеци и брзо членство во ЕУ и НАТО.

„Новата власт има обврска да го реализира тоа што го вети“, велат од најбројната партија во парламентот.

Порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги користи сите меѓународни контакти за да лобира за што е можно поскоро отпочнување на преговорите за влез во ЕУ и добивање на покана за членство во НАТО, бидејќи, како што оценуваат, само со остварување на овие цели ќе се исправи неправдата која ѝ беше нанесена на земјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.