ВМРО-ДПМНЕ: Основна одлика на СДС се интригите, манипулациите и деструкцијата

ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од СДС, работи и создава, додека тие блокираат, креираат кризи и уништуваат, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ:

Основна одлика на СДС се интригите, манипулациите и деструкцијата. Tоа го докажаа од осамостојувањето на Република Македонија до денес.

ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од СДС, работи и создава, додека тие блокираат, креираат кризи и уништуваат.

ВМРО-ДПМНЕ 11 години додека беше на власт реализираше илјадници проекти кои значеа подобри стандарди за сите граѓани.

СДС, додека владееше избрка над 200.000 луѓе од работа, затворија 684 фабрики и оставија еден куп неразјаснети убиства и друг вид на тешки кривични дела. Владеењето на правото беше на дното во Европа, а економијата прикачена на апарати за дишење.

СДС кога ја предаваше власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2006-та година буџетската сметка беше блокирана, додека ВМРО-ДПМНЕ им остава полна буџетска каса, со 130 милиони евра средства на располагање во буџетот.

СДС е црната чума која и се случи на Македонија во поглед на невработеноста. Во нивно време истата изнесуваше енормни 38%, а ВМРО-ДПМНЕ со посветена работа и ефикасна економска политика успеа да ја симне на историски најниски 23.1%.

ВМРО-ДПМНЕ од СДС во 2006-та година наследи просечна плата од 11.700 денари, и за 11 години успеа истата да ја донесе на ниво од 22.700 денари.

Времето на СДС се одбележа со високи даноци, кои ВМРО-ДПМНЕ во најголема мера ги намали. Воведовме повластена стапка на ДДВ за повеќе продукти и со тоа помогнавме да се придвижи економијата  напред. СДС сега најавува ново покачување на даноците, што ќе донесе нови главоболки за граѓаните и фирмите.

За СДС поимот земјоделски субвенции беше непознат израз. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта во 2006-та година па наваму се исплатија 1.1 милијарда евра на име земјоделски субвенции, со што во голема мера се помогна во ревитализирање на македонското земјоделство.

ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДС мисли и работи за сите категории граѓани, затоа од 2006-та година па наваму ја зголемивме социјалната помош за 80%, платите во администрацијата за 30%, а најниските пензии во Македонија пораснаа за 106%, а просечната пензија за 80%.

Граѓаните знаат дека додека СДС ја управуваше економија, бевме на дното на сите светски економски рангирања. Во 2006-та година Светска Банка ја рангираше Македонија на 94-то место во светот според добрата бизнис клима, додека  денес ја рангира на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа.

ВМРО-ДПМНЕ остави цврсто трасиран пат кон ЕУ и кон НАТО, здрава економија, со добра основа за раст и развој, пат кој оваа некадарна гарнитура на СДС тешко ќе може да го следи.