ВМРО-ДПМНЕ останува надвор од Собранието, Македонија влегува во нова длабока политичка криза

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, изјави вчеравечер за МИА привремениот координатор на парламентарната група на опозицијата, Влатко Ѓорчев.

Ова решение било донесено по одлуката на Кривичниот суд за продолжување на притворите на осомничените за насилствата на 27 април, годинава, во Собранието, а меѓу кои има и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Ние сме за дијалог, за комуникација, за нормализација на односите. Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ имаа средба во таа насока, и ние имавме телефонски разговори со пратениците од СДСМ – рече Ѓорчев.

Тој дополни дека одлуката за продолжување на притворот на осомничените не оди во насока на желбите за помирување и за продолжување на дијалогот.

Продолжението на притворот за 29 лица не влијае позитивно на политичкиот дијалог, туку напротив го влошува, смета Ѓорчев.

Најголемата опозицска партија го бојкотира Парламентот по притворањето на нивните пратеници, а во собраниските клупи се вратија само за новогодишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов. Но, од партијата се уште не донеле одлука дали конечно ќе се вратат во Собранието.

Премиерот Зоран Заев, вчера изјави дека очекува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието и да присуствува на оваа седница. Ако не дојдат, како што рече, седницата ќе биде многу кратка, бидејќи нема намера да им одговара на пратениците од владејачкото мнозинство.

На за денеска закажаната собраниска седница, покрај пратеничките прашања, на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка и Предлог на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, сите по скратена постапка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.