Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Пензиите зголемени за 61,9 отсто од 2006 година

ВМРО-ДПМНЕ: Пензиите зголемени за 61,9 отсто од 2006 година

СДСМ има најмалку право да зборува кога се во прашање пензионерите. За Владите на СДСМ, оваа категорија на граѓани беше комплетно маргинализирана и заборавена, се истакнува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ за зголемувањето на пензиите.

-Доколку се применеше решението за усогласување на пензиите според пораст на трошоци за живот од 50 проценти и пораст на платите од 50 проценти, усогласувањето на пензиите ќе изнесуваше околу 2 проценти што е за повеќе од два пати помалку од предложеното решение. Со предложеното усогласување од 5 проценти, во номинален износ за сите корисници на пензија, секој пензионер ќе добие дополнителни околу 630 денари усогласување на пензијата, се наведува во реакцијата.

Партијата потсетува дека во 2006 година, просечната пензија изнесувала 7.683,00 денари, а годинава 12.445,00 денари што претставува зголемување од 61,9 проценти.

– Во времето на СДСМ пензиите беа намалени за осум проценти, што е уште еден показател дека СДСМ нема направено ништо корисно за пензионерите. Од 2008 година пензиите се исплаќаат наеднаш за сите групи на пензии, во првата седмица од месецот за претходниот. Во времето на СДСМ пензиите се исплатуваа во две или три групи во различни периоди во месецот, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека дополнително за пензионерите се реализирани проектот бањско-климатска рекреација и бесплатен превоз, а од идната година се планира и бесплатен туристички викенд и електронско распределување во пензионерските домови.