Пратениците од ВМРО – ДПМНЕ со поддршка за гасификацијата

Гасификацијата на Република Македонија е повеќе од потребна и затоа со големо задоволство ќе ја поддржиме реализацијата на овој проект, велат од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.

Пратениците од владејачката партија во соопштението упатено до јавноста нагласуваат дека преку овој проект се овозможува повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, како и унапредување и заштита на животната средина со поголема искористеност на природниот гас како еколошки чист енергенс.

Во продолжение интегрален текст од соопштението на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ:

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Репбулика Македонија на вчерашното трето продолжение на 71-та пленарна седница ја даде својата поддршка за реализација на еден од најкрупните и долгоочекуваните проекти за гасификација на Република Македонија односно за фазата 1 во која спаѓаат делницата Штип – Неготино – Битола и делницата Скопје – Тетово – Гостивар.

Како пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека гасификацијата на Република Македонија е повеќе од потребна и затоа со големо задоволство ќе ја поддржиме реализацијата на овој проект.

Реализацијата на првата фаза од овој проект ќе овозможи достапност на природниот гас како конкурентен и еколошки чист енергенс до стопанството, индустријата и домаќинствата. Во оваа фаза се предвидува изградба на инфраструктурни објекти и линиски дел на две делници.

Првата делница Штип – Неготино – Битола е поделена во два дела во која првиот дел од оваа делница е од Клечовце до Неготино со должина од 36 километри, додека вториот дел од оваа делница е од Неготино до Битола во должина од 92 километри.

Втората делница Скопје – Тетово – Гостивар е во должина од 76 километри.

Преку овој проект се овозможува повисок степен на остварување на економски и социјални придобивки, како и унапредување и заштита на животната средина со поголема искористеност на природниот гас како еколошки чист енергенс.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овој проект го постави како стратешки приоритет за реализација во периодот од 2014 до 2018 година со цел подобрување на енергетската инфраструктура во државата.

Националниот гасификационен систем во Република Македонија предвидува изградба на пет магистрални правци на територијата на Република Македонија, кои ќе се реализираат во две фази.

Првата односно фазата за која што на вчерашната седница ја дадовме нашата поддршка веќе започна оваа година и се очекува таа да биде завршена до 2019-та година.

Втората фаза од овој голем стратешки проект се очекува да се реализира во периодот од 2017-та до 2022-та година.

Свесни сме дека граѓаните на Република Македонија со нетрпение ги очекуваат придобивките од користењето на природниот гас и токму затоа сигурни сме дека потребата од гасификација на Република Македонија ќе биде од големо значење како за граѓаните, така и за стопанството.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ верува дека најголемата придобивка за граѓаните и стопанствениците од гасификација на Република Македонија ќе биде воведувањето на можност за алтернативен и поевтин извор на енергија односно енергенс кој значително ќе ги намали трошоците за енергија која што секојдневно ја користат.

Жалиме што пратениците од Пратеничката група на СДСМ не се одважија и не ја дадоа својата поддршка за овој голем и значаен проект од кој огромен бенефит ќе почувствуваат сите граѓани на Република Македонија, .

За разлика од нив, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега многупати покажа дека силно ги поддржува проектите кои значат подобрување на квалитетот на живеење, зачувување на животната средина во Република Македонија, како и побрз економски развој на државата.