ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот отпор и протестите на граѓаните резултираа со неопходните гаранции

Вложените напори за заштита на државните и национални интереси дадоа резултат, политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ осумдесетдневните најмасовни протести на стотиците илјади граѓани низ целата држава резултираа со неопходните гаранции дека нема да се наруши унитарниот карактер на мултиетничка Македонија, истакна на прес-конференција во средата Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, откако шефот на македонската држава Ѓорге Иванов по примената писмена изјава со гаанција за споменатите заложби му го врачи мандатот на Зоран Заев кој има рок од три седмици да состави влада.

„Огромен придонес во тоа имаше и Претседателот Ѓорге Иванов кој со својот принципиелен став не отстапи и се бореше да обезбеди сигурност дека иднината на земјата нема да се крои врз основа на туѓи декларации или платформи. Целата јавност беше сведок на постизборната измама преточена во Тиранската платформа која стана основа за формирање на идното парламентарно мнозинство и претставувашпе ризик за иднината на Македонија“, рече Тодоров.

Истакна дека реализацијата на елементите од Тиранската платформа, за којашто, како што рече, Зоран Заев изјавувал дека имал позитивен став, значело директно загрозување на мултиетничкото општетство какво што е градено и претворање на државата во бинационална.

„Таа опасност беше реална и затоа народот остро реагираше, народот се спротивстави на сите најави за менување на банкнотите, двојазичноста, униформите и најавите дека Македонија ќе биде прогласена за геноцидна држава. На сите овие сценарија реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Иако победивме и ја добивме поддршката од граѓаните на декемвриските избори, на СДСМ му понудивме да ја отфрли платформата со што ќе ја добиеше нашата поддршка за формирање на влада. Тоа не се случи. СДСМ на отфрли понудата на ВМРО-ДПМНЕ и ја пролонгираше политичката криза. Неодговорно и деструктивно однесување на СДС кулминираше со политичко насилство при обидот да го изберат Талата Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија со што СДС ги погази, Уставот, законите и деловникот за работа на Собранието“, прецизираше Тодоров.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку Заев соберел храброст и порано се оградел од Тиранската платформа, Република Македонија немало да мора и овие месеци да ги минува во криза.

„Доколку Зоран Заев порано ги дадеше гаранциите коишто ги побара Претседателот Ѓорге Иванов, досега ќе беа деблокирани сите процеси и ќе имавме и локални избори. Денешното добивање на мандатот е само затруен плод на затруено дрво“, истакна Тодоров.

Посочи дека од овој момент СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев ја имаат целата одговорност, тие го контролираат парламентарното мнозинство и од нив зависи формирањето на идната влада.

„Зоран Заев е првиот мандатар кој потпишува гаранции дека нема да ги нарушу највисоките државни и национални интереси. Тоа не било побарано ниту од Бранко Црвенковски, ниту од Хари Костов, ниту од Владо Бучковски. Тоа доволно говори за сериозноста на информациите кои предупредуваа на ризикот со кој се соочува Македонија“, појасни во продолжение Тодоров.

Меѓутоа, исто така, забележа дека на писмената гаранција којашто Заев ја потпиша денеска, не се потпишани и првите луѓе на партиите на Албанците кои му ја дадоа поддршката, а кои всушност прифаќањето на нивната декларација позната во јавноста како Тиранска платформа усвоена во албанската престолнина Тирана под покровителство на тамошниот птемиер Еди Рама, ја истакнаа како услов за давањето поддршка за формирањето на новата влада на Република Македонија.

„Во име на актуелното парламентарно мнозинство е потпишан само Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ знае колку тежи зборот на Зоран Заев, безбројпати едно зборувал а друго правеше, безбројпати Заев едно ќе каже едно навечер, а веќе друго кажува следниот ден. Затоа ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ја следи неговата работа и нема да дозволи од какви било причини да отстaпи од гаранциите кои ги даде“, порача Тодоров.

Нагласи дека во неговата партија знаат дека мнозинството граѓани гласале за програмата на Коалицијата За подобра Македонија и дека таа поддршка се зголемува откако сите ја виделе деструктивноста на СДСм и оти Заев има сосема други приоритети од приоритетите на граѓаните.

„Затоа остануваме на ставот дека потребни се нови предвремени парламентарни избори на кои ќе се слушне гласот на народот“, заклучи Тодоров.