ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон мора да запре, судството да се ослободи од стегите на власта

Политичкиот прогон во Македонија мора да запре, судството да се ослободи од стегите на власта, а обвинителството да запре со монтираните неосновани обвиненија, порача во саботата најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Остануваат уште три дена до истекот на третиот месец од неправедното притвaрање на патриотите кои имаа храброст гласно да говорат против антидржавните политики. Јавното обвинителство и судот без никакви вистински, правни аргументи тргнаа во конструкција на непостоечки случај за тероризам и ја посрамотија државата ставајќи ја на мапата на држави со најмногу терористи по глава на жител. Без никаква правна основа прогласија за терористи актери, режисери, оперски пејачи, архитекти, доктори, припадници на безбедносните сили и други патриоти чиј единствен грев е тоа што си ја сакале сопствената земја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ублажувањето на мерката притвор, од ефективен во куќен, за само дел од неправедно приведените не е правда! Правдата ќе биде задоволена кога сите ќе бидат ослободени! Правдата ќе биде задоволена кога не само што ќе бидат укинати неоснованите притвори, туку ќе биде отфрлена и фабрикуваната и неоснована квалификација “тероризам”. Јасно е дека нема никаков основ за натамошно задржување во притвор, освен доколку не се работи за нарачан прогон и тортура врз неистомислениците. Тоа се гледа и од фактот што патриотите кои беа сега ослободени, нивните жалби се разгледуваа и усвоија дури после 25 дена откако беа поднесени по изрекувањето на 30-те денови притвор, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Судот и јавното обвинителство не смеат веќе да си поигруваат на овој начин со приведените патриоти. Не треба ниту да биде побарано, ниту да биде одобрено какво било неосновано барање за нов притвор, без разлика дали ефективен или куќен. Притворените не сториле терористички акт за да го повторат. Притворените не се обиделе, ниту имаат причина да влијаат на конструирана истрага која нема никаква основа. Притворените не се обиделе, ниту ќе помислат да ја напуштат Македонија“.

Дурловски, Илиевски, Јованоски, Дамовски, Чавков, Божиновска, Мукоски, Тарчуловски, Николовски, Пешевска, потенцираат од партијата, не се терористи. Тие се патриоти кои поради својата љубов кон Македонија станаа мета на актуелната власт.

„Повеќе од 90 дена притворот на овие луѓе беше користен како казна, а не како мерка на претпазливост. Тие се притворени без да биде исполнет ниту еден услов за таква мерка. Ова е пример за тортура и газење на основните принципи на демократијата. Демократијата е основа на Европската Унија и НАТО, институции кон кои Македонија со години се стреми да се зачлени. Со газењето на основните постулати на овие институции, СДСМ само не оддалечува од нашите стратешки интереси. Политичкиот прогон во Македонија мора да запре, судството мора да се ослободи од стегите на власта, а обвинителството да запре со монтираните неосновани обвиненија. Во Македонија мора да се врати правната држава и да се вратиме на експресниот пат кон ЕУ и НАТО“, велат од партија.