ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон мора да запре

Повеќе од два месеца Илиевски, Јовановски, Чавков, Мукоски и другите се држат во притвор во крајно мизерни услови, само затоа што гласно се спротивставија на плановите на оваа Влада за обезличување на Република Македонија. Ваквиот нехуман однос е уште еден обид за попречување и замолкнување на секоја критика на погубните политики на Владата на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ и порачуваат дека политичкиот прогон мора да запре.

„Со апсурдното обвинение за тероризам се праќа порака до секој оној што сака да го крене својот глас за работите во кои верува. Во ниту една демократска држава не е забележан пример како пратеници се влечат по затворите и се прогласуваат за терористи. Во ниту една држава не е забележан пример како човек што целиот свој живот го посветил на безбедноста на државата е прогласен за терорист. Во ниту една цивилизирана држава не е забележано доктори да лежат во затворски ќелии под обвинение за тероризам. Во ниту една држава во Европа досега не е забележано да има толку многу луѓе што се обвинети за тероризам, што ја сместува Македонија помеѓу најтерористичките земји во светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Независното судство, велат од таму, е право на граѓаните, кое не смее да им биде скратено. Одлуките што треба да ги донесат судовите треба да бидат во согласност со законските норми и доказите.