Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Политичкото влијание врз судството стана секојдневие

ВМРО-ДПМНЕ: Политичкото влијание врз судството стана секојдневие

Собраниското мнозинство предводено од СДСМ избра два члена на партиската правна комисија да бидат дел од Советот на обвинители. Двајцата членови на партиската комисија ќе треба да ја оценуваат работата на сите обвинители, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Зоран Заев пред повеќе од две години барал Никола Груевски да влијаел врз судот и обвинителството за да се ослободеле тие што Заев проценил дека се без основа задржани во притвор.

Зоран Заев кој го води телото за реформи во правосудството, кажа дека судиите и обвинителите се однесувале полтронски кон него. Очигледно е дека тој нема намера веќе да чека да му се додворувале. Затоа си постави членови на партиски комисии во Советот на обвинители. Станува се појасно зошто уметници, пратеници, полициски службеници и патриоти се прогласуваат за терористи и без никаква основа се држат во притвор. Зошто судот не закажува расправа по жалбите на одбраната за притворите за 27-ми април? Зошто обвинителството не се произнесува по жалбите? Зошто минатата одлука за преиначување на дел од притворите од ефективни во куќни, беше донесена на истекот од 30-те дена?, прашуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека СДСМ не е за владеење на правото.

Политичкото влијание врз судството стана секојдневие. Законите останаа мртво слово на хартија. Заев бесрамно лаже дека немал намера да влијае врз судовите, а случајот „Поткуп“ во кој е обвинет, се одложува безброј пати, со смешни и неаргументирани изговори. Невини патриоти се во затворите, обвинети за тероризам само затоа што се спротивставија на антидржавните политики. Зоран Заев треба да престане да се меша во судската власт и тоа веднаш. Загриженост за владеењето на правото покажаа и Народниот правобранител и Комесарот за човекови права при Советот на Европа, но за притиснатото судство тоа не е доволна причина да почнат да го применуваат правото. Членот 8 од Уставот на Република Македонија, ја дели државната власт на законодавна, извршна и судска. Тој е сега погазен, се наведува во соопштението.

Патриотите, велат од ВМРО-ДПМНЕ, мора да бидат ослободени од неаргументираниот притвор и  конструираните обвиненија.

Во Република Македонија мора да се врати владеењето на правото, почитувањето, на Уставот и законите, час поскоро за доброто на сите граѓани кои искрено ја сакаат и почитуваат оваа земја, се наведува во партиското соопштение.