ВМРО-ДПМНЕ: Политиките на СДСM во економијата се кошмар за граѓаните, Тевдовски манипулира

„Тевдовски го проектираше досега најобемниот Буџет во историјата на државата, базиран на огромно задолжување од речиси милијарда евра, без никаков раст во делот на капиталните инвестиции. Со неоснованото задолжување Република Македонија од следната година за прв пат ќе ја надмине границата од 50 отсто на јавниот долг, а до 2020 година истиот ќе надмине 53,5 отсто, што пишува во 3-годишната стратегија на владата на Република Македонија. Ова ќе предизвика зголемена инсолвентност и неможност државата навремено да си ги сервисира долговите. Политиките на СДС во економијата се кошмар за граѓаните“ посочуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека граѓаните од следната година ќе плаќаат повисока акциза за нафтата од 3.5 денари по литар, ќе се соочат со инфлација од 4.3 отсто на производите на мало, а платите веќе почнаа да паѓаат.

„Досегашната реализација на оперативните планови со мерките за вработување кои ги спроведуваше владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години опфати повеќе од 102.000 невработени лица, а од нив непосредно вработени се над 43.000 лица. Изминатите години за реализација на оперативните планови издвоени се над 50 милиони евра. Последната 2016 година 32.141 лице учествувало во некоја од предвидените активности, а 9.481 лице се ново вработени. Економскиот хаос кој СДС го создаваат ќе има далекусежни последици по македонската економија, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.