ВМРО-ДПМНЕ: Последното интервју на Катица Јанева е потполно исто со која било прес конференција на член на СДСМ

Последното интервју на Катица Јанева е потполно исто со која и да е прес-конференција на партијата СДСМ, а нејзините ставови, не наликуваат на став на правник, јавен обвинител кој треба да работи професионално, непристрасно и врз база на докази, туку наликуваат на ставови искажани од портпарол на криминалецот Зоран Заев, истакна на прес-конференција Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Катица Јанева по стоти пат докажува, како што рече Стаменковска, дека СЈО функционира само како општинска организација на СДСМ, исполнувајќи ги наредбите на неговиот челник Зоран Заев.

„Сите предмети кои досега ги покрена Јанева се политички нарачани случаи без ниту еден доказ во нив. Катица Јанева е соочена со фактичката состојба и со реалноста и сега брза по секоја цена да склопува обвиненија за да ги исполни плановите и желбите на Зоран Заев, но и да го полни својот буџет со плата од 3.000 евра месечно додека во наредниот период траат рочиштата“, потсети претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Стаменковска додаде дека секојдневно стануваат појасни причините зошто Зоран Заев, како што рече, сака да ја врати Република Македонија дваесет години назад, како и причините зошто лидерот на социјалдемократите сака да го стори истото што го стори и Бранко Црвенковски и да реизбира политички подобни судии.

„СДС во 1996 година за еден ден реизбра 600 судии за да ја заштити криминалната приватизација во која беа украдени стотици милиони евра државен капитал, 200.000 работници останаа на улица, а стотици фирми беа затворени. Сега Заев сака да ги заштити и амнестира сопствените криминали и криминалите на неговото раководство. Сака да биде сигурен дека нема да одговара, исто како што успеа да избегне одговорност со аболицијата за криминалот во ’Глобал’ тежок 8 милиони евра и криминалот во случајот ’Пуч’ за којшто беше амнестиран токму од Катица Јанева“, рече Стаменковска.

 

Оттаму, оцени таа, на Заев сега му треба реизбор на политички подобни судии. Втората причина поради која Заев сака да направи реизбор е да се оправда целосно непрофесионалното и партизирано работење на СЈО, додаде Стаменковскаи.

„Зоран Заев и Катица Јанева знаат дека не постои судија што ќе донесе осудителна пресуда или ќе поддржи политички нарачан предмет, доколку истиот тој судија има интегритет и постапува исклучиво согласно заклетвата која што ја дал, односно ја дели правдата единствено согласно законот. Затоа Катица Јанева почна да вработува деца и роднини на судии, а Зоран Заев истовремено најави партиска смена на судиите преку нивен реизбор. Мислат дека на тој начин ќе протуркаат политички нарачани случаи. Сите овие предмети без докази ќе им паднат, исто како што ќе падне од власта и Зоран Заев“, порача Стаменковска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.