ВМРО ДПМНЕ повикува да се смири ситуација по убиството на Ангел Петковски

ВМРО-ДПМНЕ повика на смирување на ситуацијата по убиството на осумнаесетгодишниот Ангел Петковски во скопската населба Ѓорче Петров.

„Повикуваме на разумно однесување од страна на сите фактори со цел да не се дозволи понатамошно ескалирање на состојбата. Ги повикуваме сите политички фактори и политички партии да не ја злоупотребуваат оваа човечка загуба за ситни политички пресметки со неистомислениците. Апелираме до младите луѓе кои овие два дена изразуваат незадоволство и до нивните семејства да дозволат државата да постапува согласно на законите. Секоја активност спротивна на законите ниту помага некому, ниту е праведна, туку само може да ја вовлече државата во сериозни предизвици и да креира големи тензии. Ги охрабруваме институциите да продолжуват со воведување и заштита на редот, мирот и безбедноста. ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите на смиреност, разумно и одговорно однесување“, се вели во соопштението од партијата.

Од партијата изразија и длабоко сочуство до семејството Петковски. Нема ниту една работа што може на ова семејство да му ја надомести празнината од прерано изгубениот син.

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува брзата реакција на институциите на системот, МВР, Јавното обвинителство и судските инстанци во насока на расчистување на случајот, пронаоѓање на извршителот на убиството и негово понатамошно процесуирање низ легалните и легитимни постапки на државата.