ВМРО-ДПМНЕ: Правдата и вистината ќе го стасаат Заев и нема да може да го извадат ни сецкани материјали ни странски центри

Зоран Заев продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Република Македонија, со единствена негова цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, по пресот на СДСМ , на кој повторно незаконски беа пуштена приватни телефонски разговори меѓу владини функционери, за кои не постојат никакви докази дека се автентични.

„Зоран Заев е свесен дека со ова негово сценарио одработува за странски центри кои имаат лоши цели во однос на државата и нејзините државни интереси. Соочен со фактите и признанијата за соработка со странска служба, соочен со неговите криминали и барања мито, како и со фактот дека се повеќе работи околу неговото срамно однесување се појавуваат во јавноста, Заев се обидува да ја дефокусира јавноста и преку конструирани материјали ставени во манипулативен контекст, да се извади од своите скандали и криминали.Тоа нема да му помогне. Правдата и вистината ќе го стасаат и нема да може да го извадат никакви сецкани материјали и никакви странски центри. Денешните наводи на Заев и СДСМ се крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни. Автопатите за кои денес зборуваше Зоран Заев се реализираат во крајно легална и транспарентна постапка со Закон донесен во Собранието на РМ, исто онака како што и други крупни инфраструктурни проекти во минатото беа градени. Дополнително овие автопати се градат по цена која е значително поевтина од многу слични проекти кои се реализираат во нашиот регион и Европа и се прават со средства добиени по најповолни каматни стапки од 2%. Колку за споредба изградбата на: Aвтопатот Загреб-Сисак чинел 11.3 милиони евра по километар, автопатот Загреб-Ријека близу 15 милиони евра по километар, автопатот Нова Горица-Сисак од 6 до 8 милиони евра по километар, патот Добој во Босна 6 милиони евра по километар, автопатот Вжешко-Тарново 7 милиони евра по километар, автопатот Босињево-Сплит изнесува 7.1 милиони евра по километар, автопатот Босилево-Јосип Дол чини 6.73 милиони евра по километар, автопатот Шестановац-Рафча 6,67 милиони евра по километар, автопатот Брезнички Хум-Нови Маров 5,56 милиони евра по километар, изградбата на Делница Д1 во Република Словачка чини 32 милиони евра по километар, во Република Унгарија просечната цена за изградба на автопат чини 11 милиони евра по километар. Цената за изградба на автопатот од Скопје до Штип во просек изнесува 4,38 милиони евра по километар, а за автопатската делница од Кичево до Охрид цената изнесува 6,59 милиони евра по километар. Изградбата на автопатските делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид се реализираат преку соработка и поддршка со Владата на Народна Република Кина и кинеската Ексим банка. Градежните работи ги извшрува кинеската компанијата „Синохидро Корпорејшен Лимитед“ во соработка со домашни компании. Со ова однесување на Заев, тој не само што го гази имиџот на државата, туку и се обидува да ја вовлече државната компанија на НР  Кина, како и останатите институции кои учествуваат во овие проекти, во лоши сценарија. Освен досегашните три автопати ќе се гради и четврт автопат. Во април ќе излезе јавен повик за концесионер за автопатот помеѓу Кичево и Гостивар, што би требало да  значи  дека околу Нова Година ќе почне градбата  на новиот автопат кој паралелно ке се гради со другите автопати. Од август-септември пак, ќе започне градбата на нов експресен пат со 4 ленти меѓу Штип и Кочани и проширување во ист таков експресен пат помеѓу Градско и Прилеп, а некаде од Нова Година и Охрид-Пештани. Следната година ќе почне градбата на експресниот пат со 4 ленти од Ранковце до Крива Паланка и бугарска граница, и процедурата за градба на 4 ленти експресен пат од Штип до Радовиш. Зоран Заев и СДСМ не можат да се помират со фактот што оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализира огромен број проекти во интерес на граѓаните како што впрочем се и автопатските делници кои се градат. СДСМ и Зоран Заев никогаш не изградиле нешто во интерес на граѓаните. Тие својата политика ја базирале, а гледаме дека сеуште ја базираат на манипулации сплеткарења и деструктивно делување спротивно на интересите на граѓаните. Само нека продолжат така. Граѓаните ја препознаваат нивната политика на манипулации, креирања невистини и монтажи. Нивната ваква политика како и досега, така и во иднина ќе биде казнувана од граѓаните, затоа што тие знаат да препознаат кој работи во нивен интерес, а кој не“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.