ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството има двојни стандарди за шарените револуционери и за патриотите

Правосудните органи имаат двојни стандарди, при што учесниците во ткн Шарена револуција се ослободуваат од обвиненија, а патриоти се прогласуваат за терористи и лежат во затвор, и им се монтираат политички случаи. Истакнати актери, уметници, режисери, архитекти и полицајци кои се вграделе себеси во општественото живеење на државата и нејзиното репрезентирање во странство се предмет на конструиран прогон, а правосудните органи му се извинуваат на Заев и заради тоа што морале да го повикаат на рочиште, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Правосудството во државата не покажа минимум одоговорност кон правдата и заклетвата што ја даваат. Институциите се искористени во партиска пресметка со неистомислениците. Судиите молчат и не преземаат ништо ни во однос на злоупотребата на притворот од страна на ОЈО. Притворените патриоти се цел на изживување скоро два месеци. Во конструираниот предмет за тероризам скоро два месеци не беа преземени никакви истражни дејствија, а осомничените беа држани во притвор. Тоа е доказ дека се работи за неаргументиран монтиран случај. Во Република Македонија нема да биде ефективна демократијата се додека праксата на злоупотреба на институциите не престане“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ додава:

„Попусти се сите декларативни заложби за влез на државата во ЕУ и НАТО, додека на терен се кршат основните човекови права загарантирани со нашиот Устав и со меѓународните договори. Република Македонија нема да тргне ни чекор напред додека правната држава е деградирана, а законите се само мртво слово на хартија. Судот мора да ги согледа аргументите и да го запре неоснованиот прогон. Судот мора да одлучува единствено врз база на аргументите, а не врз база на притисок. Владеењето на правото и правната држава се право на граѓаните, а обврска на судиите и од тоа отстапки не смее да има“.