ВМРО-ДПМНЕ со прецизно обмислени проекти, СДСМ со нереални и надувани ветувања

500 наспроти 262 страници. „Релано“ наспроти „План за живот во Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ со сериозен, аналитичен и прецизен пристап, а СДСМ со паушален, нелогичен и целосно нереален пристап кон реалните потреби на граѓаните.

Политичките аналитичари коментираат дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата зборува за сериозни и прецизно обмислени проекти кои кореспондираат со потребите на граѓаните, додека СДСМ пишува партиски желби кои немаат проектен карактер, туку се нафрлени тези, голи и неиздржани ветувања и памфлетски изрази кои немаат елементарна сериозност.

Според универзитетската професорка Тања Каракамишева – Јовановска секој од понудените проекти на ВМРО-ДПМНЕ е заокружена целина во која на филигрански прецизен начин се лоцирани вистинските потреби на граѓаните.

Изборните програми на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, вели таа, се два различни политички света преку кои може да се согледа и дијаметрално различниот карактер и природа на овие две партии.

Според неа, поврзаноста на проектите на ВМРО-ДПМНЕ со барањата на граѓаните значи дека партијата е во постојан контакт, во постојан дослух со македонските граѓани, и смета дека токму тоа е темел на политичкиот успех на оваа партија веќе десет години по ред.

Направените консултации со огромен број граѓани на кои токму граѓаните ги искажале своите барања, а партијата ги срочила во програмски проекти, е најголемата вредност на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа програма има флуид, има граѓанска енергија. Секој проект содржан во изборната програма има прецизен таргет и конкретна корист, има прецизно утврдени средства за негово реализирање, и секако можеби најважното, има точно дефинирана временска рамка кога граѓаните можат да ги очекуваат конкретните ефекти. Од другата страна, во виртуелниот свет на СДСМ, нивниот план за животот делува како збир на нафрлани желби и ветувања кои немаат ништо допирно со проектите на ВМРО-ДПМНЕ, но затоа имаат едно чудо нереалности, надувани работи, ветувања кои не е можно да се остварат и во најбогатите земји во светот, посочува универзитетската професорка во изјава за Нетпрес.

Разликата меѓу двата документа, како што потенцира Каракамишева-Јовановска, е посебно евидентна во однос на пристапот што двете партии го имаат кон реалните потреби на граѓаните. Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од сериозен, аналитичен, и прецизен, вели таа, додека од друга страна, пристапот на СДСМ е паушален, нелогичен, непрецизен, и целосно нереален.

Ако проектите на ВМРО-ДПМНЕ имаат континуитет и ја следат реалната проценка за нивно остварување согласно вкупните можности на државата, планските желби на СДСМ се нафрлени, голем дел од нив не го следат континуитетот и она што веќе е сторено на терен, па се случува желбите на СДСМ и нивните ветувања дека ќе направат нешто да се одамна задоволени од ВМРО-ДПМНЕ или да се во длабока фаза на финализирање од страна на ВМРО-ДПМНЕ, смета Каракамишева-Јовановска.

Како поткрепа на ваквите тврдења, универзитетската професорка посочува неколку примери за тоа.

Сдсмовскиот „План за живот во Македонија“, како и сите до сега, е напишан во есеистички стил, наративно со описен наместо на конкретен начин. Наместо конкретни проекти, како што гледаме во програмата „Реално“, планот на СДСМ содржи генерални, воопштени констатации и воопштени решенија кои можат да се сфатат и вака и онака. Често пати, се добива впечаток дека партиските решенија за одредени проблеми се извлечени од ракав наместо од аналитичко и сериозно навлегување во нивната суштина“, појаснува таа.

Таков, како што вели, е примерот со петте клучни ветувања на партијата дека ако СДСМ дојде на власт ќе гарантираат повисоки плати, односно ветуваат минимална плата од 12.000 денари уште во 2017 година, и просечна плата до 30.000 денари, или во семејство со двајца вработени, ветуваат 1.000 евра.

Ветуваат дека домашните фирми ќе бидат финансиски поддржани со 140 милиони евра со што ќе се отворат нови работни места во земјата. Ветуваат дека младите ќе работат во земјата, дека СДСМ ќе ги насочи сите пари кон граѓаните, дека ќе им помогнат на сиромашните, дека институциите ќе работат во служба на граѓаните, и дека ќе има контрола над власта и правда за сите. За сите овие ветувања, иако звучат одлично за уши, нема ниту еден ред како ќе се дојде до нивно остварување. Како Заев планира да исплати просечна плата до 30.000 денари, како планира да ги поддржи домашните фирми со 140 милиони евра, од кои средства тоа ќе го направи, ако планира да зема кредити треба да објасни со какви кредити ќе не задолжи, што тоа ќе значи за економската стабилност на државата, во кој рок планира ветеното да го реализира итн. Наместо прецизни параметри во новогодишните желби на СДСМ гледаме фрази од типот „предвидовме“, „испланиравме“, „проценивме“ и слично небаре се работи за пресметка на пазар, а не за ветувања на државно ниво, посочува Каракамишева-Јовановска.

За разлика од ова, додава таа во изјава за Нетпрес, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ можат да се видат вкупно 1318 проекти од 17 различни области со детален, севкупен опис на секој елемент од проектот, со детална дескрипција на постојната состојба, со детален план што ново се планира да се направи, изгради, купи, санира, од кои средства, во кој рок се планира да финишира секој проект.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ зрачи со сигурност, темелност, деталност, предвидливост, сериозност, аналитичност, визија…Планот на СДСМ личи на бакалџиски тефтер од маалско гранапче каде со пенкало се запишани долговите на соседите, и каде не стои поединечно кои производи се земени од гранапчето и кога треба долгот да се врати, туку е чкртнат вкупниот долг, па кој знае да се снајде нека се снајде, вели таа.

Според аналитичарите „Планот за живот во Македонија“ на СДСМ содржи и многу препишани идеи од програмата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се веќе реализирани, или чија реализација е во тек.

До кој степен е несериозно напишаното во планот на СДСМ зборува, на пример, оваа реченица: „Ќе овозможиме секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од четири месеци по завршување на школувањето. Со ова овозможуваме активност на секој млад човек, веднаш по завршувањето на високото образование и отвораме пат за нивен професионален развој“. Што тука е ново, што тука е понуда? Што од сево ова младите не го уживаат и денес во Република Македонија?, прашува универзитетската професорка.

За нереалноста и надуеноста на изборната програма на СДСМ, доказ се и ветувањата за егзистенцијата на стечајците.

„Во планот на СДСМ се вели „во првите 100 дена од мандатот, ќе донесеме закон со којшто ќе бидат финансиски обезбедени сите стечајни работници“. Да не е трагично, ќе беше смешно. Партијата што го направи најголемиот стечаен бунар во државата, партијата што ги уништи семејствата на над 200.000 работници во државата поради катастрофалните приватизациски политики, партијата која остави без работа и без егзистенција повеќе од 300.000 луѓе ако се земат предвид и членовите на потесното семејство на секој отпуштен работник, сега после 15 години им нуди гола егзистенција“, истакнува Каракамишева – Јовановска, потенцирајќи дека ваквите паушални ветувања, се како што вели, премногу дури и за СДСМ.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.