ВМРО-ДПМНЕ: Пресовите на СДСМ за автопатот Демир Капија- Смоквица се за изборите

Една и единствена причина за пресовите на СДСМ за автопатот Демир Капија – Смоквица се претстојните избори, рече денеска Елена Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не се ниту тендерска постапка, ниту работата на избраната фирма – туку единствениот и непобитен факт дека СДСМ знаат дека ништо не направиле за цело време додека биле на власт, додека за ВМРО-ДПМНЕ овие години се време на јавни инвестиции, на градење автопати, железници и други големи инфраструктурни проекти“, рече таа.

Во овие години, како што рече таа, додека се градат огромен број на проекти и додека се спроведуваат одлични мерки за граѓаните, СДСМ не собра доблест и храброст да поздрави ниту една од многуте работи.

„Не поздравија кога се зголемуваа пензиите, не поздравија и пофалија кога се намалуваа партиципациите на факултетите, кога се поефтинуваа лековите, така и сега. Но тоа го прават единствено заради тоа што тие самите ништо до сега немаат направено. Затоа СДСМ, сега, после три години почна да се занимава со автопатот Демир Капија – Смоквица. Да ги нападне и омаловажи напорите на Владата за зајакнување на инфраструктурата и истовремено да обезбеди работни места за илјадници граѓани“, појасни таа.