ВМРО-ДПМНЕ: Радикалните протести немаат никаква врска со Охридскиот рамковен договор

„Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на Република Македонија. Посветеноста кон него се огледа и преку фактот што неговото спроведување и развивањето на мултиетничкото општество се стратешки определби во програмата на Владата на Република Македонија и во негова имплементација се спроведуваат бројни и континуирани мерки активности од страна на институциите. ВМРО-ДПМНЕ со сериозност гледа на изјавата на албанскиот Премиер, која цениме дека е резултат повеќе на недоволна информираност за случувањата, отколку за некоја неконструктивна намера,“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама.

Во реакцијата понатаму продолжуваат:

„Радикалните протести кои се случуваат деновиве во Република Македонија, немаат никаква поврзаност со Охридскиот рамковен договор, ниту пак со меѓуетничките односи, туку напротив организаторите на овие протести, ја кријат својата радикална агенда зад параванот на меѓуетнички односи, сакајќи притоа да направат забуна и да мобилизираат повеќе приврзаници, затоа што се свесни дека по друг основ, освен тоа да лажат дека се обесправени и дека им се загрозени правата на Албанците, за нивната агенда тие нема да може да наидат на било каква поддршка од никого. Тоа не може да им помине, затоа што оваа ситуација нема никаква врска со тоа што тие што го организираат ова, сакаат да го наметнат. Овие протести се мотивирани и се производ на верски радикални елементи, кои се спротивставуваат на пресуда на независен суд за сторено кривично дело свирепо убиство на пет лица, од кои четворица малолетници.“

ВМРО-ДПМНЕ го осудува и не се согласува со секој обид на овие протести да се даде етничка или меѓуетничка конотација, и го осудува и не се согласува со секој обид верските радикални елементи да се затскријат зад етничката димензија, и на тој начин да генерираат тензии и поделби помеѓу заедниците.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.