ВМРО-ДПМНЕ: Расипничко водење на државата

Власта предводена од СДСМ расипнички ја води државата, а нивото на јавниот долг првпат во македонската историја надмина 5 милијарди евра, стои во реакцијата на опозициската  ВМРО-ДПМНЕ.

„Триста милиони евра нови задолжувања само за првите три месеци од 2018 година, а ниту една нова капитална инвестиција. Ова е недозволиво. Задолжувањето како инструмент единствено е оправдано кога тоа се врши за капитални инвестиции. Капитални инвестиции нема. Граѓаните се прашуваат, на што се трошат парите кои утре идните генерации ќе ги враќаат. Наместо да се решаваат проблеми во државата, се натрупуваат долгови кои ќе ги враќаат граѓаните, а ветувањата за 600 километри автопат се потврди дека била само една голема лага“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираат дека нема бесплатно болничко лекување за граѓаните, нема ниту 100.000 денари плати за лекарите, а сепак задолжување има.

„Недозволиво е власта за 3  години да планира ново задолжување од неверојатни 1.4 милијарди евра, а притоа да нема ниту еден капитален проект. СДСМ за една година покажа дека не се способни да раководат со државата. Државата не смее повеќе да  чекори кон економското дно. Ова мора да запре. Република Македонија и граѓаните заслужуваат подобро, велат од ВМРО-ДПМНЕ.