ВМРО-ДПМНЕ: СДС го блокира проектот за нов клинички центар

Денешното соопштение на СДС е само потврда дека тие се решени по секоја цена да го правдаат неспособниот министер за Здравство Таравари кој при готов проект, обезбедени средства и договорен изведувач, три месеци не отпочнува со изградба на современиот комплекс на новиот клинички центар Мајка Тереза. Тие се обидуваат да правдаат нешто што не се брани. Тоа говори дека неспособноста, неработењето и негрижата им се заедничка особина, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДС кое се однесуваше на изјавата на Дафина Стојаноска.

-Еден проект кој подолг период прецизно се изготвуваше со меѓународни партнери, странски консултантски куќи и со финансии обезбедени од европска банка, сега СДС го блокира. Типично за нивната деструктивна политика. Тие од политичка омраза се подготвени да стопираат еден капитален проект во здравството кој треба да ја подобри здравствената услуга и да го издигне здравствениот систем во Македонија, велат од партијата.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ стпо и дека СДС со ниту една манипулација не може да го покрие хаосот кој го прави во здравството. СДС успеа за три месеци да го уназади здравството за три години. Секој ден се слуша во јавноста за жртви, скандали, пропусти и катастрофална кадровска политика. За жал како и не градењето на новиот клинички центар, така и другите пропусти нема да наштетат на ВМРО-ДПМНЕ туку на пациентите. Граѓаните го гледаат  целото незнаење на новата власт и тоа ќе предизвика несогледливи последици како по живото така и по здравјето на граѓаните.