ВМРО-ДПМНЕ: СДС треба да ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО како што ветуваше

Интегрален текст од соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

Владата на СДС и Зоран Заев треба да го искористат моментот и да ја внесат Македонија во ЕУ и нато за три до шест месеци, како што ветуваа пред избори. Сега Заев е на потег и треба да покаже одговорно однесување како што доликува на некој што успеал да состави мнозинство за да ја води државата и да ги реализира обврските кои ги презеде пред граѓаните. Владата на СДС сега треба да ги исполни дадените ветувања на македонските граѓани. Ветувањето дека Зоран Заев ќе ја внесе Република Македонија во ЕУ и НАТО, дека за рок од 6 месеци ќе ја добиеме поканата и ќе добиеме датум за преговори, се стратешка цел и на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува средбите и телефонските разговори кои ги оствари Зоран Заев со лидерите на поважните земји од меѓународната заедница од кои доби поддршка за реформите. Со тоа дефинитивно е отстранета секаква дилема дека ВМРО ДПМНЕ е пречка за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Сега се е во рацете на Зоран Заев кој има чист простор и огромна поддршка.

ВМРО-ДПМНЕ како партија чија стратешка цел се влез во ЕУ и НАТО, во Парламентот веднаш ќе гласа за членството на нашата земја.

Зоран Заев исто така вети на граѓаните на Република Македонија дека ќе го заштити нашиот идентитет, а Никола Димитров изјави пред јавноста дека договорот со Бугарија што остана непознат за македонскиот народ ќе го потпише со крената глава. Во однос на Грција, од МНР брифираат новинари дека со посетата на Атина, јужниот сосед бил ставен во дефанзива и без никакви аргументи пред западните партнери заради новата политика на владата на Заев. ВМРО-ДПМНЕ не ги знае деталите околу посетата, но доколку информациите се точни час поскоро и без одложување очекуваме влез во НАТО и отпочнување преговори со ЕУ. Веќе нема никаков простор да се дискутира за одмрзнување на замрзнатата препорака.