ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ бега од соочување со граѓаните

СДСМ не се бори за излез од кризата и попросперитетна иднина на Република Македонија. Затоа СДСМ бега од соочување со граѓаните, се вели во соопштението што владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес го упати до јавноста.

Во продолжение интегрален текст од соопштението:

СДСМ се бори единствено за унапредување на сопругот на Ременски и подолго останување во фотелјите на технички назначените министри и нивни заменици.

СДСМ не се бори за излез од кризата и попросперитетна иднина на Република Македонија. Затоа СДСМ бега од соочување со граѓаните.

СДСМ е свесен дека Заев ќе биде жестоко казнет од народот за неговите деструктивни политики. СДСМ знае дека после 24-ти април нивните министри ќе мора да си ги спакуваат куферите и заедно со “Фабриката за афери” да заминат на политичкото буниште.

Еврокомесарот Хан јасно порача дека тука се ЕУ, ОБСЕ и ОДИХР да гарантираат фер и демократски избори. Еврокомесарот Хан, јасно порача дека бил уверен од ДИК дека може навреме да бидат завршени сите обврски вклучувајќи го и прочистувањето на избирачкиот список. Сите се свесни дека постојат услови за фер и демократски избори на 24-ти април. Свесен е и СДСМ. Затоа во ноември беше изгласан овој термин во Изборниот законик.

Проблемот во СДСМ е што врвот на партијата е свесен дека 24-ти април е крајот на нивните политички кариери. Затоа за последен пат се обидуваат целата држава и граѓаните да ги држат како заложници.

Како што изјави еврокомесарот Хан, на секоја функционална демократија и треба силна Влада и силна опозиција. Овој деструктивен СДСМ не е никаква алтернатива.

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува поддршката на договорот од Пржино искажана од меѓународната заедница и осудата на обидите на СДСМ да го изигра договорот.

Дури и соопштенијата на СДСМ се полни со омраза деструкција и фрустрации кои не можат да ги сокријат. Паниката се гледа од авион и во ова соопштение бидејки нема ниеден аргумент во него освен навреди, закани и силења.

СДСМ ја држи државата предолго во заложништво а народот очекува сериозност и зрелост, очекува да одиме напред, а не препукувања на лична основа и вакви неодговорни потези и реторика.

Воопшто не е чудо зошто и онаа мала поддршка која СДСМ ја имаше и кај своите членови од ден во ден паѓа вртоглаво, а убедливо мнозинство од целото население веќе не ги смета ни за политичка партија туку за група деструктивци кои прават се за да избегаат од соочување со народот.

Македонија мора да продолжи напред и да престане со оваа вештачки наметната криза. Измислените и лажни изговори се мајсторија на СДСМ и тука сите се свесни за исходот од изборите и фактот дека народот едвај чека да ги казни заради сето ова.

Следен поапсурден чекор би бил СДСМ еден ден да каже дека нема да оди на избори се додека ВМРО-ДПМНЕ постои како партија.

Македонија не може да биде заложник на оваа нивна деструкција.

ВМРО-ДПМНЕ апелира до СДСМ да ја преиспита својата реторика и однесување заради доброто на државата и народот и да го остави личниот интерес, а што се однесува до делот од нивните соопштенија каде што не нарекуваат со најпогрдни зборови за тоа какви сме ние и од што се плашиме, силејќи се и обидувајќи се да креираат лажна еуфорија за своето депримирано членство, ние сакаме да им порачаме дека треба да се смират малце да се соочат со реалноста ако веќе не го сториле тоа и да го надминат личниот пристап, да пробаат да се надминат себе си и да се придржуваат барем еднаш до тоа што го потпишале и кажале, а тоа се избори на 24-ти април.