ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да не се однесува како опозиција и итно да им помогне на земјоделците

СДСМ уште се однесува како да е во опозицика давајќи сосема неодговорни и конфузни изјави, и затоа бараме министерот за земјоделие Љупчо Николовски да побара итна и вонредна владина седница со точка на дневен ред, стопроцентно обесштетување на овоштарите чиј род настрада од временските непогоди и дополнителна поддршка за да може да ја преживеат годината, рече на прес-конференцијата во петокот Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Министерот на СДС, Љупчо Николовски, со денови се крие и ги одбегнува овоштарите кои се соочуваат со реални проблеми. Николовски го нема да се појави во Росоман каде што состојбата со производството на праски е алармантна, исто како и со речиси целокупното овоштарство во Македонија. Земјоделците се соочуваат со огромни штети заради временските неприлики, а засега нема никакви најави за нивно целосно обесштетување“, рече Тренов.

Оцени дека со ваквите постапки актуелната влада предводена од СДСМ покажува дека “не го цени земјоделството и трудот на земјоделците и оти е „глува“ на апелите за помош кои доаѓаа директно од земјоделците и нивните здруженија.

Тренов прита порача дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ секогаш кога земјоделците се соочувале со слични непогоди им излегувала в пресрет и штетите ги покривала стопроцетно.

„Го повикуваме министерот Николовски да ги посети и земјоделците во Росоман, а не само земјоделците во Арачиново, бидејќи штетите се огромни и последиците кои следат од ненавремената помош може да бидат катастрофални по целокупното нивно производство“, апелираше Тренов.

Потсети дека во предизборната кампања СДСМ им ветуваше на земјоделците дека ќе им биде поддршка, и констираше дека сега се гледа дека откако влегле во своите кабинети веднаш заборавиле на ветеното и на земјоделците.

„Очекуваме дека ветувањата на СДС за земјоделството нема да останат мртво слово на хартија и една голема лага. Земјоделството е значајна гранка во македонското стопанство. Околу 150 илјади граѓани во Македонија живеат од земјоделството. Земјоделците нема да дозволат да бидат изманипулирани и нема да дозволат СДС да ги превесла со лажни ветувања, од типот 100.000 денари плата за докторите, 30.000 денари просечна плата, 16.000 денари минимална плата и слично. За земјоделските производители, ова се единствени приходи за нивните деца и целокупните нивни семејства и ваква негрижа и несериозност од страна на владата ќе значи носење на работ на егзистенција на истите“, заклучи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.