ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е неспособна да ја води државата, економските негативни ефекти се највидливи

Република Македонија е единствената држава во регионот која има раст на економијата од 0 проценти, во период кога земјите од цела Европа бележат рапиден раст на нивните економии. СДСМ е целосно неспособна да ја води државата, а ефектите најмногу се гледаат на економски план. Додека ВМРО-ДПМНЕ ја водеше владата во 2016 година, година на политичка криза предизвикана токму од СДСМ економскиот раст изнесуваше 2,9, а сега економскиот раст изнесува 0 отсто, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ не може да зборува за успешни политики кога Република Македонија е на последното место во регионот по зголемување на вработеноста, пред нас се Косово, Србија, Албанија и Црна Гора. Градежништвото бележи пад од 20 отсто, пад од 1 отсто бележат бруто инвестициите, а раст на индустриското производство од скромни 2,3 проценти. СДСМ е вистинско цунами за македонската економија. СДСМ ги запре сите капитални инвестиции. Ништо од ветувањата за инфраструктурен бум кој го ветуваа. За првите два месеца од годината нивото на реализирани капитални инвестиции е одвај 3 отсто,“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колку им вреди зборот кажува тоа што не можат да го реализираат ниту ветеното во својата изборна програма. СДСМ ветуваше 5 раст, обезбедија 0 отсто. СДСМ ветуваше 30.000 денари платата, а истата е покачена за незначителен процент. СДСМ ветуваше 100.000 денари плата за докторите и наместо да ја покачат ја намалија за 5 проценти. СДСМ ветуваше дека ќе го решат проблемот на 12 илјади стечајци, а повеќе од половина останаа изиграни без никаков надомест. СДСМ спроведува вистински пустош во економијата, епилогот од владеењето на СДСМ е тотална економска стагнација и беда. Граѓаните се разочарани. СДСМ мора да сноси одговорност за манипулирањето со граѓаните“, додаваат од опозициската партија.