ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги организираше најнедемократските избори, ќе поднесеме жалби до Управниот суд

СДСМ ги организираше најнедемократските избори во историјата на независна Македонија. Целата изборна кампања мина во светлина на изборен поткуп, уцена и закани врз гласачите, додека во текот на изборниот ден беше спроведен ткн бугарски воз, со што кутиите беа полнети со гласачки ливчиња однапред заокружени за СДСМ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Медиумите веќе објавија докази за ‘бугарски воз’ и како тој бил спроведен, беа објавени докази за спроведен ‘бугарски воз’ во Карпош, Охрид, Велес, Струмица, Гевгелија, Берово и Делчево, а пронајдени се две гласачки ливчиња со ист сериски број во Ресен. Имајќи ги предвид доказите со кои располагаме и фото и видео материјалите објавени во медиумите станува јасно дека власта изврши тежок изборен криминал, систематски спроведен. Дополнително загрижува фактот што медиумите секојдневно излегуваат со нови докази за изборни криминали, а изборниот криминал, во вид на поткуп на гласачи и уцени продолжува и во вториот круг“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Држвната изборна комисија (ДИК) станала соучесник во сево ова, занемарувајќи и релативизирајќи очевидни факти и докази, со што се ставила во функција на прикривање на изборните криминали на СДСМ.

„ВМРО-ДПМНЕ за сите претставки упатени до ДИК, а одбиени од истата, ќе го искористи правото на жалба пред Управниот суд. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи некој да ја уништува демократијата и правната држава во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува ОБСЕ и ОДИХР да ги нотираат овие очевидни криминали, да застанат на страна на демократијата, правото на глас и слободата како врвни вредности на цивилизираниот свет, да ги осудат и санкционираат ваквите криминали. ВМРО-ДПМНЕ дополнително ги уверува сите прекршители на законите, кои со цел да се додворат на врхушката на власт вршат изборни криминали и редица други прекршоци дека со враќањето на демократијата и правната држава ќе одговараат за криминалот и штетата нанесена врз граѓаните и државата, казната за криминалот нема да биде избегната од никого“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.