ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ го допре дното со лажни изложувања на приватни работи на функционери

СДСМ го продолжува патот по кој тргнале, но се поочигледно станува дека на тој пат не ги добиваат очекуваните резултати и ефекти од тоа што го прават. Нивните прес конференции се се повеќе израз на една малограѓанска култура отколку на достојна политичка битка, се вели во соопштението што денеска владејачката ВМРО – ДПМНЕ го упати до јавноста.

„По низата крупни, стратешки грешки на СДСМ кои се се повидливи во изминатиов период, фијаското на референдумот во Центар, но и катастрофалната прес конференција од пред два дена на Зоран Заев, во која се закопа себе си со презентација на непроверен и целосно лажен материјал, со што се докажува целата шема на оваа група која во соработка со Заев и странски фактори имаат за цел дестабилизација на Македонија, како и после многуте речени па веднаш потоа поречени изјави на Заев базирани на лаги и манипулации, овој пат свесни дека вниманието на ова што го прават опаѓа, и свесни дека со секој изминат ден се повеќе лица губат интерес за овие нивни објави и креирани прес конференции, денес, за жал не по прв пат, но сега можеби најприземно, ако воопшто може да се нивелира нискоста на овие нивни дејствија, објавуваат приватни случувања и состојби на лица кои немаат никаква врска со политика ниту пак со некакви нелегални активности. Го допреа дното со срамни изложувања на приватни работи на функционери, со истакнување на лични, здравствени, брачни и семејни состојби на личности“, се вели во соопштението.

Според владејачката партија ова недвосмислено покажува дека СДСМ се во длабока параноја и шок заради немањето на ефект од своите настапи и немањето на интерес и поддршка од народот, но и дека деструктивноста на Заев нема граници и тој се става во една патолошка улога на личност која мисли дека може да ги регулира животите на сите во секоја смисла, кој може да објавува незаконски стекнати и штелувани материјали за секакви професионални, но и личните, здравствените, брачните и семејните состојби на секој еден граѓанин на нашата земја, со кои може да нанесе непоправливи штети по нивните животи.

„Во денешното објавување на креираните, сечени и монтирани материјали, преку кој Заев продолжува да одработува за своите нарачатели, може да се види дека и покрај обидите за давање на контекст и наратив на објаснувачот нема апсолутно никаква импликација за било какво незаконско работење, ниту пак нелегално, туку само еден мрачен и срамен порив на Заев и тесната клика околу него да пласираат креирани и монтирани материјали за да си го потхранат нивните ниски страсти за да може потоа да озборуваат, муабетат и да се ситат на приватните животни предизвици кои ги имаат некои граѓани“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Нагласваат дека затоа јавноста ниту ги подржувала ниту во иднина ќе ја подржи оваа срамна агенда и сценарио во кое покрај тоа што Заев нанесува штета на Република Македонија, грубо се меша во приватноста и нанесува штета на животите на граѓаните на нашата земја.

„Јасно е за сите, во државава, но и во меѓународната заедница, и веќе тоа се поотворено се говори, дека Зоран Заев не е ништо друго освен политичар во заминување и синоним за криминално работење, површна и нестабилна личност, која работи против сопствената држава и народ“, велат од партијата на власт.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.