ВМРО- ДПМНЕ: СДСМ и 200 години да се на власт нема да реализираат големи и значајни проекти

Како ВМРО-ДПМНЕ, така и граѓаните се свесни дека СДСМ и 200 години да биде на власт, нема да може да реализира толку големи и значајни проекти во сферата на инфраструктурата, се наведува во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Ветувањата на СДСМ дека доколку дојдат на власт ќе градат нови патишта, се само дел од многуте празни зборови и ветувања на СДСМ, како што впрочем беше и ветувањето дека ќе вработат по еден член од секое семејство“, стои во партиската реакција.

Оттаму велат дека Зоран Заев е аболициран од страна на гуруто на приватизацијата, Бранко Црвенковски,а од друга страна, Радмила Шекеринска беше 20 години во раководството на СДСМ предводено од страна на Црвенковски и аплаудираше и ги поддржуваше сите погубни политики преку кои се затвораа фабрики, се бркаа луѓе од работа и се тепаа работници во фабриките, само поради тоа што тие си ги бараа своите права.

„Шекеринска секогаш беше до Црвенковски, а Дамјан Манчевски иако млад, покажа дека научил како да биде добар транзициски политичар, за што доказ се добиените тендери во Куманово“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата, наведуваат од партијата,  предводена од ВМРО-ДПМНЕ досега преку инвестиции во инфраструктурата поставила над 1000 километри асфалт во нови и реконструирани локални, магистрални и регионални патишта, како и автопатишта.

„Се заврши реконструкцијата на автопатот Скопје-Велес, се изгради обликолницата околу Скопје, се пушти во употреба автопатот Куманово-Табановце, во завршна фаза е изградбата на автопатот Смоквица-Демир Капија, започна со изградба новиот автопат во источна Македонија Миладиновце-Штип, а најавен е и почеток на изградбата на новиот автопат Кичево-Охрид“, наведуваат од владејачката партија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.