ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Заев се сами одговорни за поразот од 200 илјади гласа

Поразот од над 200 илјади гласа разлика не е вина ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на граѓаните. Одговорноста за поразот на СДСМ треба да си го сноси Зоран Заев и неговото раководство кое и понатаму продолжува неодговорно и водени според личните интереси да и нанесуваат штета на Република Македонија, се вели во контра-реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија додаваат дека одлуката за давање оставка од мандатите за пратеници и носи само штета на Република Македонија и единствено е во корист на оние кои ја блокираат. Тие додаваат дека извештаите од Европската комисија во изминативе пет години се позитивини со констатација дека е време да се започнат преговорите.

„Европската Комисија тоа го има констатирано и повторено. За тоа постои согласност кај сите, освен кај Самарас, Заев и Шекеринска. Забелешки за подобрувања има и ќе има во Македонија исто како и во сите други земји кандидати за членство. Тоа е приоритет на Владата, која за разлика од интригантите во СДСМ работи континуирано на реформите и економијата. За да може да претендира на премиерска позиција, како што повторуваше дека ќе биде за време на цела кампања, Зоран Заев на чело на СДСМ треба да земе да работи и придонесува во институциите, а не да ги изигрува граѓаните и нивната доверба. Со ваков однос оди во бездна и докажува дека нема капацитет да работи во интерес на Република Македонија“, се вели во соопштението.

На крајот се наведува дека на лидерот Зоран Заев единствено му е важно да ја задржи лидерската фотелја, а не интересите на граѓаните, државата и партијата.