Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ќе стори се возможно и невозможно за да избегне избори

Повеќе средби на работната група се одржуваа и досега, но СДСМ и нејзините претставници Радмила Шекеринска и Рената Десковска Треневска беа единствени кои не присуствуваа. Затоа обвинувањата од Шекеринска се ниски и лицемерни. Единствената политичка партија која што се плаши од фер и демократски избори е токму СДСМ, стои во денешното соопштение што владејачката ВМРО – ДПМНЕ го упати до јавноста.

– Тоа го покажаа и со нивното одбивање на предлогот изборите да се одржат уште оваа есен, на што им се чудеа претставниците на меѓународната заедница, кои и им кажаа дека тие се единствената опозиција во Европа која што не прифаќа предвремени избори. Исто така доказ се и обидите на СДСМ да го саботира договорот и да наоѓа десетици причини да не го потпише договорот за одржување на изборите на 24 април 2016. Смешни се тврдењата на Радмила Шекеринска и обидите да ја префрли вината на други од најмалку две причини. Прво, заради тоа што анкетите на јавното мислење јасно покажуваат како СДСМ ќе помине на следните избори. Второ, тоа го гледаат и многу функционери во СДСМ, кои или веќе покажаа непослушност или веќе си поднесоа оставки и се дистанцираа од ова раководство на СДСМ, велат од ВМРО – ДПМНЕ.

Од владејачката партија нагласуваат дека денешната средба на работната група не била ниту прва, ниту втора, туку досега се одржале повеќе средби, на кои што не присуствувале претставниците на СДСМ Радмила Шекеринска и Рената Десковска Треневска.

– Радмила Шекеринска која што не дошла на досегашните состаноци, денеска излезе за да критикува други. Врв на лицемерието. За да биде јавноста прецизно информирана, ВМРО-ДПМНЕ навремено побара одложување на денешната средба поради државни и работни обврски на министерот за надворешни работи, Никола Поповски, кој воедно е претставник на ВМРО-ДПМНЕ во оваа работна група. Тој се наоѓа во работна посета на Брисел, каде се сретна со словачкиот заменик премиер Мирослав Лајчак и еврокомесарот Јоханес Хан и беше претседавач на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и ЕУ, појаснуваат од ВМРО – ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СДСМ може да ги обвинува другите колку сака, но на сите им е јасно дека тие ќе сторат се возможно и невозможно да ги избегнат изборите во април.