ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ краде 24 милиони евра од земјоделците, без да објави за што ќе ги троши

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со секој поминат ден граѓаните се повеќе воочуваат дека се жртва на предизборните лаги на СДС. Од најбројната партија во Собранието потсетуваат дека СДС пред да дојде на власт ветуваше 160 милиони евра субвенции, за сега во предлог буџетот за 2018 година за субвенции да одвојува само 136 милиони евра, односно цели 24 милиони помалку од предвиденото.

„СДСМ краде 24 милиони евра од земјоделците, без да каже на што ќе ги троши парите кои ги зема од земјоделците. Намалениот буџет за земјоделците значи помалку пари за производителите на храна, кое ќе предизвика помало производство на земјоделски и сточарски продукти од македонските земјоделци, а во исто време ќе го зголеми увозот на тие производи од трети земји“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се вели дека намалувањето на земјоделските субвенции ќе направи Македонија од извозник на одредени земјоделски култури да стане увозник, тоа ќе значи згаснување на одредени гранки и голем број на семејства ќе останат без егзистенција.

„СДС го врати нивото на земјоделски субвенции на нивото во 2013 година, кога годишно владата исплаќаше 135 милиони евра, бројка која во 2006 година изнесуваше 20 милиони, а во 2016 година порасна на 140 милиони евра, доколку ВМРО-ДПМНЕ управуваше со Република Македонија таа бројка сега ќе изнесуваше 150 милиони со тенденција на раст. Но наместо раст земјоделците имаат пад. СДС крати од субвенциите, но нема ни пари за зелената нафта, а нејасно е од кои пари ќе се формира и ветениот „интервентен фонд“ кој ќе се испостави како една од редицата лаги на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека земјоделците виделе дека СДС се што вети излажа. СДС ветуваше живот, а донесе смрт за македонското земјоделство.