ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ кредитот од 150 милиони евра го потроши во ветер

Половина од долгот или околу 2 милијарди евра се наследство од СДСМ, спомен за нивното владеење. Со една мала но значајна разлика – во време на СДСМ ниту се градеа локални патишта, ниту автопати, ниту се исплаќаа субвенции за земјоделците, пензиите беа исплаќани со доцнење и беа кратени, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението Ви го пренесуваме интегрално

Кире Наумов треба да објасни колку патишта за колку дена можеше да се направат со кредитот од 150 милиони евра кој СДСМ го потроши во ветер, а оваа влада го отплати минатиот месец?

Наумов и СДСМ треба да им одговорат на граѓаните колку земјоделски субвенции можеа да се исплатат со 40-те кредити наследство од СДСМ кои уште ги отплаќаме?

Половина од долгот или околу 2 милијарди евра се наследство од СДСМ, спомен за нивното владеење. Со една мала но значајна разлика – во време на СДСМ ниту се градеа локални патишта, ниту автопати, ниту се исплаќаа субвенции за земјоделците, пензиите беа исплаќани со доцнење и беа кратени.

Немаше пари за проекти од интерес на граѓаните, но затоа имаше пари за јувелирницата на Владо Димов, коњите на Фрчковски и столбовите како споменик на никогаш изградената железничката пруга кон Бугарија.

Денес Македонија останува една од најмалку задолжените земји во Европа според ЕУРОСТАТ, иако постојано се реализираат проекти од инфраструктурата, земјоделието, образованието, здравството, се вложуваат стотици и стотици милиони евра, и притоа се враќаат долговите кои СДСМ ги остави како свој единствен реализиран проект.

Изградени и реконструирани се 85 километри автопат во вредност од околу 42 милиони евра. Во тек е изградба и реконструкција на 142 километри автопат во вредност од околу 795 милиони евра. Изградени и реконструирани се околу 520 километри регионални патишта во вредност од околу 98 милиони евра, а во тек е работата на 13 регионални патишта во должина од 165 километри и вредност од околу 48 милиони евра. Планирана е изградбата на уште 11 регионални патишта во должина од 200 километри и вредност од околу 373 милиони евра. Од 2010 до денес се изградени 404 локални патишта во вкупна должина од 730 километри и вредност од околу 65 милиони евра.

Наумов зборува за уште една тема за која СДСМ има тотално непознавање – земјоделието. Повеќе од 800 милиони евра се доделени како субвенции во земјоделието од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ и десетици милиони евра е учеството на државата во повеќе од 10.000 парчиња современа земјоделска механизација за земјоделците каде процентот кој го покрива државата е речиси 60%. СДСМ подели 100 000 хектари земјоделско земјиште на 400 лица и компании блиски до врвот на партијата, а ВМРО-ДПМНЕ подели 60 000 хектари на повеќе од 9 000 луѓе на електронско јавно наддавање во фер, правична и транспарентна постапка.

Тоа е болката на СДСМ – не може да прифати дека Македонија оди напред. Бидејќи СДСМ не знае да работи. Да знаеше и Кире Наумов ќе најдеше начин како да им помогне на граѓаните, наместо да си прави математики со економската логика „Евро за вицето“ – колку евра немаше да останат кај Вицето ако СДСМ на тешко срце се одлучеше да изгради некој локален пат или недај боже автопат.

Денес се градат истовремено три автопати, се гради гасовод, се градат нови болници, училишта, градинки, се реновираат и ќе се градат нови студентски домови и универзитети. Се инвестира во опрема во здравството, се доделуваат стотици милиони евра субвенции во земјоделието, се инвестира во железницата. Се вложуваат пари во капитални проекти од кои бенефит имаат сите граѓани на Македонија.

Денес сеуштеш имаме за враќање 40 активни кредити земени од СДСМ кои оваа влада ги отплаќа и ќе ги отплаќа. На што СДСМ ги потроши и овие пари? Кои фабрики, освен оние за афери ги финансираше СДСМ?

Граѓаните им одговараат на лагите и манипулациите на СДСМ веќе 9 изборни циклуси по ред. Затоа СДСМ има уплав од соочување со судот на народот, но тоа ќе се случи на 24 април, без оглед на желбите на СДСМ. Им остануваат само уште 83 дена, се вели во реакцијата.