ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ не може да се помири со тоа што не успеа да го закочи напредокот на Македонија

СДСМ не може да се помири со тоа што не успеа да го закочи напредокот на Република Македонија и што повторно според ЕК се исполнети условите за започнување на преговори.

Ова меѓу другото се наведува во соопштението што владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес го упати до јавноста.

Во продолжение интегрален текст од соопштението:

СДСМ не може да се помири со тоа што не успеа целосно да ја блокира препораката на Европската комисија која Македонија ја доби седми пат по ред за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ не може да се помири со тоа што не успеа да го закочи напредокот на Република Македонија и што повторно според ЕК се исполнети условите за започнување на преговори.

Очекувано е СДСМ својот гнев да го изразува преку празни и безлични соопштенија со кои што ќе ја манипулира македонската јавност. Ако досега на СДСМ виновни им беа Светската Банка, ММФ и кредитните рејтинг агенции, сега им е виновна и Европската комисија која што ги нотираше успешните економски политики кои ги презема во континуитет владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ си го толкува извештајот на Европската комисија како што на нив им одговара, изоставајќи факти и извртувајќи реченици, што е типично за нив.

Во извештајот јасно стои дека државниот долг е умерен, а покачувањето кое го бележи од 2008 наваму се должи на крупните инфраструктурни проекти за кои во извештајот стои дека отвараат нови работни места. Значи не се прави споредбата на државниот долг со 2005 година кога СДСМ си отиде од власт, туку со 2008 година. Во 2005 година државниот долг изнесуваше 36,7 отсто, додека денес тој изнесува 36 отсто, значи 0,7 процентни поени помалку од тоа што СДСМ го остави – намалување кое не е за занемарување во време на светска економска и европска должничка криза.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ до ден денес отплаќа долгови кои СДСМ ги направи. Сега во декември треба да отплатиме 150 милиони евра од еврообврзницата издадена во 2005 година.

СДСМ зборува против изградбата на патот Штип – Кочани, против гасификацијата – тоа се проекти кои се прават за граѓаните и кои ќе им останат на граѓаните. Прашањата кои СДСМ треба да ги одговори на граѓаните се што направија тие со парите кои ги позајмуваа и каде одеа парите од буџетот кои што СДСМ ги прибираше од даноците на граѓаните и фирмите, имајќи предвид дека зад себе СДСМ нема оставено ниту еден завршен проект.