ВМРО – ДПМНЕ: СДСМ не ги сака бројките, бидејќи бројките не го сакаат СДСМ

СДСМ не ги сака бројките, бидејќи бројките не го сакаат СДСМ. За СДСМ е неприфатливо што тие успеале да избркаат од работа 200.000 луѓе, а ВМРО-ДПМНЕ отвори 140.000 нови работни места, велат од владејачката ВМРО – ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението:

СДСМ не ги сака бројките, бидејќи бројките не го сакаат СДСМ. За СДСМ е неприфатливо што тие успеале да избркаат од работа 200.000 луѓе, а ВМРО-ДПМНЕ отвори 140.000 нови работни места.

За СДСМ е неприфатливо што ВМРО-ДПМНЕ преку странска инвестиција отвара 1.500 нови работни места во Струмица или половина од ветените и никогаш реализирани 3.000 нови работни места за Струмичани во трите индустриски зони кои ги вети Заев, а остави само пусти празни ливади.

Ова се бројките кои им бодат очи на СДСМ:

Во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се отворија повеќе од 140.000 нови работни места. Во Македонија влегоа повеќе од 50 директни странски инвестиции меѓу кои се Кромберт и Шуберт во Битола, Џонсон Контролс во Штип и Струмица, Ван Хол, Амфенол во Кочани, Кемет електроникс, Витек, Маккарт во Велес, ОДВ електрик во Охрид, Гентерм во Прилеп, Техникал Текстајл во Штип, Антура во Кочани, Ендава, КСС во Кичево, Кофикаб, Ејпленд во Ресен, Гришко во Демир Хисар и уште десетици други производствени погони низ цела Република Македонија.

Само преку проектот „Македонија вработува“ се вработија речиси 9.000 граѓани. Со мерката за самовработување следната година се планирани нови 1.000 работни места, односно 920 нови бизниси.

За СДСМ е неприфатливо да се потсетуваме дека 9 пати по ред губат на избори. За СДСМ се неприфатливи анкетите на кои убедливо губат, 24:12 во корист на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ сака да не постои рекордниот гинисов пад на рејтингот на нивниот лидер Зоран Заев од 30% за само 4 месеци.

Меѓутоа за жал на СДСМ народот знае математика. Народот знае дека за 151 ден ќе го порази деструктивниот СДСМ кој само лаже и манипулира. 24 април и конечната пресуда за СДСМ доаѓа.