ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не ја осудуваат скандалозната изјава на пратеникот Дудуш

Изминаат дваесет дена од објавувањето на скандалозната снимка на која се гледа како пратеникот од СДСМ, Курто Дудуш, ветува амнестија за сторен криминал за граѓаните кои поседуваат членска книшка овава деа партија, а сѐ уште нема реакција и осуда од партијата на власт, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се потсетува дека премиерот Зоран Заев во предизборната кампања тврдеше дека се залага за еднаквост меѓу граѓаните, но оти откако дошол на власт „под режимот на Заев“ некои граѓани се „подеднакви од другите“.

„Скандал од невидени размери и срам за целиот демократски свет е пратеник од владејачка партија да ветува неказнивост при сторен прекршок или криминал, привилегии на лекар и добивање на социјална помош за граѓаните кои поседуваат членска книшка на политичка партија“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторно ги повикуваат сите општествени чинители и меѓународни претставници во Македонија да го осудат овој чин на партизација на државата.
„Македонија е демократска држава, каде владеењето на правото е основен постулат врз кој се засноваат односите меѓу граѓаните и државата и никако поинаку не смее да биде. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Република Македонија од демократска држава да се претвори во приватна сопственост на СДС. Граѓаните заслужуваат еднакви можности за живот и успех. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДС да ја претвори државата во Северна Кореја“, се додава во соопштението.