ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема да може да го покрие срамот поради злоупотреба на трагедијата на поплавените

Ноторна лага е дека СДСМ е заинтересиран за чистење на одводните канали и безбедноста на граѓаните и нивниот имот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на владејачката партија

Јавноста дозна дека СДСМ е со години против одделувањето општински пари за чистење на одводните канали. Советниците на СДСМ со години не гласале за субвенционираното чистење на одводните канали во корист на граѓаните кои имаат земјоделско земјиште и барале повлекување на точките од дневниот ред. Скандалозно и непоимливо, надвор од границите на здравиот разум.

За среќа на граѓаните, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не дозволија деструктивните манипулатори од СДСМ да го зголемат ризикот за безбедноста на животот и имотот на граѓаните. Чистотата на каналите редовно се одржува и советниците на СДСМ го знаат бидејќи го гласале.

Но откако јавноста дозна за срамниот став на СДСМ да не се помага чистењето на одводните канали, СДСМ сака очајно да го покрие срамот со вакви обиди за ефтин медиумски циркуз. Не им проаѓа. Прочитани се.

Денешната изјава е само уште една епизода од некрофилските сценарија на СДСМ и злоупотреба на трагедијата на граѓаните. Улогата на портпароли на Фабриките за афери на СДСМ денес им се падна на Дамјан Манчевски и Љупчо Николовски.

Наместо да лажат дека СДСМ било кога бил заинтересиран да се чистат одводните канали, Манчевски, Николовски и остатокот од СДСМ треба на јавноста да и одговорат:

Зошто СДСМ со години е против субвенциите за чистење на одводните канали во Гази Баба?

Зошто СДСМ молчи за проектирањето на обиколницата?

Зошто СДСМ го ликвидираше Водостопанство во 2005 година, со што предизвика повеќегодишна неможност да се одржуваат и чистат каналите?

Колку километри атмосферска канализација направи нивниот градоначалник во Куманово? Колку километри атмосферска канализација во Струмица по методот „евро за вицето“ направил аболицираниот криминалец Заев? Колку километри атмосферска канализација во Центар направил Жерновски?

СДСМ со ниту еден обид за медиумски циркуз нема да може да го покрие срамот од нивното некрофилско постапување и нечовечки обиди да се злоупотребува трагедијата на граѓаните после природната катастрофа во која згаснаа 22 животи.

За ваквото однесување СДСМ ќе биде жестоко казнет веќе на 11-ти декември, доколку конечно собере храброст да се појави на избори. Од казната на народот бегање за СДСМ нема.