ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ниту еднаш не ги спомена студентите и нивните потреби

Во времето на СДСМ студентите и нивните потреби не беа ниту споменати, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакција на прес-конференцијата на СДСМ, која ги критикуваше измените во Законот за високо образование.

Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, се вели во реакцијата, континуирано вложува во развој на системот на високо образование од повеќе димензионален аспект.

Отворени се нови универзитети, факултети, дисперзирани студии и студиски програми, подобрени се инфраструктурните и техничките капацитети, збогатена е стручната и научна литература, обезбедена е достапност на високообразовните установи на лицата коишто поради какви било причини во минатото не биле во можност да се стекнат со високо образование, намалена е партиципацијата за студирање, воведени се бројни можности за стипендирање.

„ И токму еден од најуспешните  проекти за „Превод на 1.000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија“, денеска СДСМ го окарактеризира како „катастрофален“.  Прашуваме, дали е катастрофално тоа што студентите во Македонија учат и ќе продолжат да учат од истата современа литература која ја користат и нивните колеги од најпознатите светски универзитети? И дали е катастрофално што таа литература е бесплатно достапна за секој поединец?“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, катастрофално е тоа што во времето на СДСМ студентите и нивните потреби не беа ниту споменати. И тогаш постоеја можности, време и средства, но буквално со ништо не им се излезе во пресрет за да се поедностави студентскиот живот, посочува ВМРО-ДПМНЕ.