Македонија,Политика

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ само си создава алиби за поразот од следните избори

СДСМ во изминатите неколку дена очигледно сака да создаде алиби за поразот кој што им претоси на следните избори, реагираат од ВМРО- ДПМНЕ.

„Соочени со критиката на јавноста за нивните ставови за клучни прашања, се обидуваат со манипулации и напади да ги покријат грешките на нивните водачи Зоран Заев и Радмила Шекеринска. СДСМ и Шилегов денес се обидоа да дефокусираат од содржината на кампањата и спотовите кои одеа во јавноста. Спотовите за кои говори СДСМ содржат лични изјави на Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Ниту е додавано, ниту е монтирано, ниту е одземано.  Тие се автентични и вистинити. СДСМ всушност сметаат дека тоа што Заев и Шекеринска го кажуваат не треба да го знае јавноста. Сакаат да се заборави. Се срамат“, стои во писмената реакција.

На СДСМ, како што се наведува, му пречи тоа што Зоран Заев  го има во медиумите.

„Тоа што го гледаат граѓаните се негови зборови кажани јавно. Ако СДСМ и Шилегов не се согласуваат со тоа, тогаш ги повикуваме наместо да се расправаат со нас, нека свикаат прес конференција и нека го критикуваат својот Претседател за ставовите и невистините кои ги изнесува во јавноста. Очигледно е дека некој му забранил на претседателот на СДСМ Зоран Заев да се појавува во јавност. Никаде го нема после скандалозните признанија и невистини за неговата имотна состојба и за неговите политички ставови. Колку и да се обидува СДСМ да манипулира, сите активности на ВМРО-ДПМНЕ се во согласност со законите и ние како партија прецизно  се придржуваме и ги почитуваме законските одредби“, стои подолу во реакцијата.