ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ упорно ја замајува јавноста со истите стари манипулации

Разликата во поддршката која што ја имаат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ изнесува околу 200.000 гласови, велат од владејачката партија.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Таа разлика опстојува изминативе 10 години и се должи на мудроста на граѓаните да препознаат понуда на проекти и просперитет од една страна и деструкција и афери од друга страна. Таа разлика ќе се потврди и на 5 јуни. Затоа СДСМ е во екстаза кога ќе се утврди дека макар и еден човек немал соодветни податоци во избирачкиот список, бидејќи тоа за нив значи дека поразот кој што го доживеале не е со 200 000 разлика, туку со 199 999 гласови.

СДСМ е во паника откако медиумите објавија информации дека нивната теза за 150 000 непостоечки гласови, кои биле украдени е целосна лага и манипулација. СДСМ е во паника затоа што се покажа дека ситните корекции во избирачкиот список можеле да се направат и да се стигне за изборите кои требаше да се одржат на 24 април. Единствената причина за одложувањето беше стравот на СДСМ од соочување со граѓаните.

Затоа СДСМ упорно ја замајува јавноста со истите стари манипулации. За среќа оваа излитена и деструктивна политика на СДСМ е прочитана и истата ќе ја казнат сурово на 5 јуни.

Дотогаш на СДСМ им преостанува како стара плоча да ги повторува истите лаги, бидејќи и ништо друго немаат што да им понудат на граѓаните.

На сите им е кристално јасно дека во моментот СДСМ ги контролира двете најважни институции задолжени за спроведување на изборите, ДИК и МВР, и секој обид за пронаоѓање ефтино алиби не им поминува ниту кај нивните партиски членови. Чичаковски и Спасовски сега имаат директен увид на избирачкиот список и имаат целосна одговорност за кредибилитетот на истиот, вклучително и да ги расчистат сериозните индиции кои се појавуваат во медиумите, со цел што поскоро да има прочистен список.

Изборите на 5 јуни и катастрофалниот јубилеен пораз на СДСМ само ќе потврдат дека досегашните избори не само што биле кредибилни, туку биле и реален сооднос на довербата која граѓаните им ја даваат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Граѓаните со своето референдумско гласање јасно ќе им покажат дека не се согласуваат со нивната политика во изминатиот период кога целокупната држава и целиот народ беа ставени во заложништво на тесно партиските интереси на СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.