ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ветуваше живот, граѓаните добиваат сиромаштија

Катастрофалната економска политика на СДСМ ја води државата кон економски крах и банкрот, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се повеќе граѓани ја губат надежта дека владата на СДС ќе постигне било какви економски резултати. Македонија со оваа бандитско криминална влада ќе го достигне дното. Цехот ќе го платат граѓаните. Владата на СДС ни малку не е фокусирана на отворање на нови работни места. Не само што не донесе нити една инвестиција туку ги брка потенцијалните инвеститори и компаниите кои досега инвестираа не водејќи грижа дека без работа можат да останат 25.000 граѓани. Неодговорното работење на СДС со народните пари на Република Македонија првпат по подолг период и донесе пад на просечната плата за 0,7 отсто и пад на индустриското производство 2,2 отсто“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека СДС успеа да донесе и пад на извозот за јуни и јули и тоа 12 отсто односно 52 милиони евра со што му нанесе голема штета на домашното стопанство.

„Граѓаните ги чувствуваат лошите економски политики на СДС и на локалните избори на 15-ти октомври ќе го казнат уништувањето на македонската економија. СДС ветуваше живот, граѓаните добиваат сиромаштија. Ништо од ветувањата во економијата, ништо ниту од најавените инвестиции“, велат од партијата.