ВМРО ДПМНЕ: СДСМ втор ден молчи за скандалот со Виктор Божиновски

СДСМ втор ден молчи за скандалот во Куманово со поранешниот директор на ЈП Водовод Куманово, Виктор Божиновски, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

„Ниту некој од СДСМ, ниту пак градоначалникот Зоран Дамјаноски не излегоа пред јавноста да го објаснат недомаќинското  и расипничко работење на Божиновски додека бил директор на ЈП Водовод Куманово. Виктор Божиновски како поранешен директор на ЈП Водовод Куманово поставен од градоначалникот Зоран Дамјановски со своето незаконско и недомаќинско работење во јавното претпријатие успеал да потроши во кафеани неверојатни 6.030.469 денари или близу 100.000 евра. Додека Општина Куманово се дави во се поголеми долгови, а јавните претпријатија се на раб на банкрот, парите на граѓаните се користат за задоволување на апетитите на функционерите и директорите на СДСМ во Куманово. Ова е голем срам“, се вели во соопштението.

Од ВМРО ДПМНЕ додаваат дека молчењето на СДСМ и Зоран Дамјановски е само потврда за „расипничкото работење на кадри на СДСМ во општините каде што тие се на власт“.