ВМРО-ДПМНЕ се непопустливи и нема да прифатат промена на името

Поради заложбите за неменување на уставното име и позицијата за референдумот, владеачката партија на чело со Никола Груевски и натаму е мета на критика во грчката јавност. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, коментирајќи го вчерашниот отчет на ВМРО-ДПМНЕ, грчките медиуми пишуваат дека во однос на името, партијата ги повторила „непопустливите ставови“ и продолжила со „провокациите“.

Шефот на дипломатија Никола Попоски ја повтори непопустливата позиција на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ дека нема да прифатат менување на името на земјата. Попоски, кој што е висок член на владечката ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски повтори и дека секое можно решение на прашањето за името ќе биде ставено на референдум, се вели во извештајот на грчката државна новинска агенција АНА-МПА.

Во грчката јавност и натаму нема дилема дека Никола Груевски повторно ќе биде премиер на Македонија.

Собирот на ВМРО-ДПМНЕ имаше неформално изборен карактер, во пресрет на предвремените парламентарни избори на 5 јуни на кои што партијата на Груевски, според анкетите, се очекува повторно да победи, се вели во текстот на АНА-МПА, објавен од голем број весници и портали.

Со жестоки критики поради заштитата на уставното име и идентитетот неодамна од Солун излезе и грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој што се закани дека се додека сме инсистирале на име што претставувало обид за фалсификување на историјата, додека истовремено сме кревале огради на границата, немало да бидеме во можност да се приклучиме во Европската Унија.