ВМРО-ДПМНЕ: Се шири скандалот со средствата што ги добивале блиски луѓе на Шекеринска

Скандалот со доделување на средства од норвешката донација, во која директно беше вклучен близок соработник на Шекеринска, рече Владимир Ѓорчев од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Се’ поголем станува скандалот со доделување на средства од норвешката донација во кои директно се вклучени блискиот соработник на Радмила Шекеринска, Јован Деспотовски и фирмата БТ Македонија во сопственост на братучедите на Радмила Шекеринска. Не биле само 7 фактури, туку 21 фактура со кои се исплаќани пари на фирмата на братучедите на Шеќеринска“, рече Ѓорчев.

Очигледно, како што рече тој, во овој случај не станува збор само за седум фактури од 2014 година кои фирмата БТ Македонија ги побарува од Секретаријатот за европски прашања за реализација на проектот „Одржливо учење за ЕУ и систем за обуки“ за кои веќе и јавноста е запознаена, туку од документите може да се забележи дека постојат уште 14 нови фактури, кои исто така фирмата БТ Македонија ги побарува од Секретаријатот за европски прашања по истиот норвешки проект.

„Да потсетиме дека директно надлежен за реализација на овој проект од норвешката донација е блискиот соработник на Радмила Шекеринска и член на високото раководство на СДСМ, Јован Деспотовски. Сите овие 14 нови фактури со вкупна вредност од 1.093.790 денари се направени во 2013 година со фирмата БТ Македонија, откако Јован Деспотовски го добил овластувањето да раководи со проектот финансиран од норвешката донација. Ова значи дека Јован Деспотовски како вработен во Секретаријатот за европски прашања бил единствен одговорен да располага со парите кои Република Македонија ги добила од Кралството Норвешка како донација, но бил и лично овластен да ја распредели оваа донација. Тој токму тоа и го направил. Средствата од норвешката донација, преку 14-те нови фактури и претходно објавените 7 фактури, ги распределил токму на фирмата во сопственост на роднините на неговата шефица Радмила Шекеринска, Искра Петровска и Никола Наумоски, со што им обезбедил бизнис во вредност од 1.871.957 денари“, рече Ѓорчев.

Очигледно, посочи тој, меѓународниот секретар и член на Извршниот одбор на СДСМ, Јован Деспотовски уште еднаш го искористил Законот за јавни набавки каде што нема предвидено законска обврска кога станува збор за странска донација да се избира најдобриот понудувач и бизнисот го доделил на никого друг, туку на блиските роднини на Шекеринска.

„Од стотина агенции кои постојат во Македонија, очигледно Јован Деспотовски милувал да ја избира онаа на братучедите на Шекеринска. Ова е класичен пример како кадрите на СДСМ преку своите инсталации во државните органи ја користат секоја можна ситуација, па дури и средства од странски донации, истите да ги префрлат на фирмите на најблиските роднини на членови од највиското раководство на СДСМ. Оттука, би сакале да ги запрашаме Радмила Шекеринска и луѓето од врвот на СДСМ за што се користени овие средства? Дали се користени само за богатење на фамилијата на Радмила Шекеринска или пак за лично богатење?“, праша Ѓорчев.

Колку и да се обидуваат, рече тој, Радмила Шекеринска или луѓето од СДСМ да го игнорираат и избегнуваат овој скандал, тоа сигурно нема да им успее.