ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе им подаде рака на Албанците кои сакаат заедно да градиме држава

И Албанците во Македонија со тек на време ќе сфатат дека со СДСМ се е ветер и магла. Меѓународниот фактор нема да се разочара, бидејќи знае со кого има работа, но моментно им требаат, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во своето обраќање од 27-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ.

– Ние, меѓу другото, мора да работиме и на исправање на искривената слика која за нас ја креираа сдсмовските медиуми и структури пред Aлбанците, создаваќи стереотип, според кој коалиција на албански партнер со нас ќе биде за нив товар. Сето тоа беше намерно и тенденциозно создавано, за да се создаде околност каде коалицирањето со СДС би било по посакувано за Aлбанците во Македонија. Искрено, обичниот Албанец нема да има никаков аир од тоа што СДС е на власт, а за тоа ќе се уверат за кратко време. На Aлбанците исто како и на Mакедонците и на останатите им треба подобар живот, повеќе пари, работни места, повисок стандард и услови за живот, рече Груевски.

Тој нагласи дека изнасилената квази патриотска реторика на дел од албанските партии, кога под превезот на извесен закон за јазици всушност решаваат кадровски и други прашања на поединци, нема ништо да им помогне на Албанците.

– Албанците може да сметаат на ВМРО-ДПМНЕ во иднина, и ако сакаат да градиме заедно заедничка држава, во која сите, и Турците, и Србите, и Ромите и Власите, Бошњаците и останатите, секогаш ќе имаат подадена рака од нас, рече Груевски.