ВМРО-ДПМНЕ со сеопфатна програма,СДСМ со црна кампања

Со цел поефикасна изборна програма членови на ВМРО-ДПМНЕ остваруваат бројни средби со различни целни групи. Tим на партијата предводен од министерот за финансии Кирил Миновски, пред неколку дена оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија. На средбата беа дебатирани повеќе точки, меѓу кои: Бизнисот во фокусот на интересирање на сите субјекти во државата, Инвестиции во инфраструктурата, изградба на автопатите, модернизација на железницата, процесот на гасификација, Привлекување на директни странски инвестиции и слично.

На седбата беа разменети идеи, кои ќе имаат свое место во новата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се работи за една навистина сеопфатна програма во која што сакаме да ги вклучиме сите релевантни чинители, пред се од приватниот сектор да ги слушнеме нивните идеи. Тоа е практика која што и претходно е применувана при изготвувањето на претходните програми на партијата кои што подоцна стануваат и Владини програми. Истата практика ја следиме и во овој случај и понатаму ќе продолжиме со интензивната комуникација со сите релевантни чинители“, подвлече министерот Кирил Миновски.

Претседателот на комората, Бранко Азески, подвлече дека средбата била конструктивна и дека на неа биле разменети голем број идеи. Тимот на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба и со бизнисмените од северозападна Македонија кои потенцираа дека ја подржуваат политиката на високо ниво на капитални инвестиции кои ја туркаат напред целата економија во државата.

Политичките аналитичари сметаат дека ваквиот начин на подготвување на програма, како и секогаш, ќе даде резултати и дека ретко која политичка партија во светот може да се пофали со таква прецизна и сеопфатна изборна програма која се подготвува долг временски период.

„Праксата која што ја има воспоставено ВМРО-ДПМНЕ на директен контакст и комуникација со граѓаните трае повеќе од 10 години. Оттука очекувано е дека сега во предизборието и пред објавувањето на изборната програма да се интензивираат контактите со целни групи, како што е на пример стопанската комора, земјоделците, лекарите.. сето тоа е во интерес на заокружување на изборната програма. Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ досега е нешто коешто мислам дека ретко која политичка партија го прави во светот, а уште помалку пак некој во нашето опкружување да може да се пофали со такво нешто. Ваква прецизна програма во којашто може да се прочита не само проектот што се нуди, туку и кога ќе биде стартуван истиот, кога се планира неговото завршување, која институција ќе го реализира, чинење на самиот проект…. програма каква што не е запамтена на македонските простори, а таквата пракса како што можеме да забележиме, од избори на избори се подобрува. Оттука конкретно оваа програма за 2016 година очекувам да биде најиздржаната и најобемната изборна програма која воопшто ја има понудено некоја политичка партија во Република Македонија, посочува аналитичарот Александар Пандов, во изјава за Нетпрес.

Според него, многу е тешко да се направи споредба меѓу изборните програми на двете најголеми партии во земјава СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што истакнува, пред се опфаќаат различни сфери и се насочени кон различни категории на граѓани. Пандов очекува оти наместо да понудат проекти и програма, СДСМ ќе се занимаваат со црна кампања насочена кон владејачката партија.

„Главна ударна програма на СДСМ и на Зоран Заев се националните барања, но за изненадување, на албанските граѓани, а не на македонските, а тоа се промена на името на државата, ротирачки премиер, двојазичност, федерализација, односно работи кои немаат никаква допирна точка со македонските граѓани, и поради тоа една од причините поради кои е тешко да се направи споредба. Друга причина е пак што СДСМ, и по она што досега можевме да го видиме, а цврсто сум уверен дека како што ќе се ближи 11-ти декември тоа само ќе се засилува, а акцентот ќе биде ставен на една негативна кампања којашто освен Заев и неговата партиска структура, ќе ја водат и нивниот сијамски близнак Сорос со сите свои невладини организации, а во последната година засилени и со СЈО, а покрај нив се појавуваат и разно разни удбашко-разузнавачки полициски структури. Оттука наместо кампања и очекувам само црнила и фрлање на дрва и камења на што е направено или предложено од ВМРО-ДПМНЕ и нивните функционери“, додава Пандов.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквата пракса на директни средби ќе продолжат и во следниот период и дека досега се остварени бројни средби со различни целни групи се со цел, да се подготват проекти кои ќе бидат од полза на граѓаните.

Портпаролот на партијата, Иво Котевски, за Нетпрес посочува дека, ВМРО-ДПМНЕ ја подготвува најобемната изборна програма до сега, со која ќе се излезат пред граѓаните, а најголемиот дел од програмата ќе биде фокусиран врз економијата, односно на економскиот напредок, намалување на невработеноста и привлекување на нови странски инвестиции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.