ВМРО- ДПМНЕ: Шилегов овозможил бизнис и на фирма од кланот Заеви

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов овозможил бизнис и на фирма од кланот Заеви, рече денеска Сашо Трпески од ВМРо-ДПМНЕ.

„Ако вчера презентиравме документи во кои јасно се гледа дека Шилегов скоро секогаш одлучувал по жалбите во корист на фирмата Семос, сега гледаме дека тој обезбедувал тендери и на други фирми блиски до СДСМ. Шилегов како Претседател на второстепената комисија за јавни набавки во Владата во времето на СДСМ одлучил голем тендер да добие фирмата од кланот Заеви, Јавор Шпед“, рече Трпески.

Очигледно Шилегов, како што рече Трпески, бил адвокатот на богаташите од СДСМ, кој бил задолжен да им ги осигура јавните набавки на фирмите блиски до СДСМ.

resenie

„Денес презентираме уште една скандалозна одлука на Шилегов. Имено ова е решение со број 46-1479/2 донесено на 28.11.2005 година каде што стои потписот на Петре Шилегов, а со кое жалбата за набавка на екстра лесно масло за греење за потребите на училиштата во Општина Струмица на Макпетрол се одбива и добитник на јавната набавка е фирмата Јавор Шпед – фирма блиска до кланот Заеви…Најповолен понудувач е фирмата ДТУ Јавор Шпед Струмица. Фирма капитално врзана со кланот Заеви. Сопственик на Јавор Шпед е Горан Крстев, кој е близок пријател на Зоран Заев и бизнис ортак со Вице Заев во три фирми“, рече Трпески.

Фирма чиј сопственик е капитално врзан со Заеви, додадек тој, со помош на потписот на Шилегов добива огромен бизнис за греење на училиштата во Општина Струмица.

„Со ова Петре Шилегов го заслужи местото главен адвокат и портпарол на кланот Заеви и милионерите на СДСМ. За потсетување, Горан Крстев пред еден месец беше во средиштето на аферата каде се откри дека Зоран Заев токму на овој човек му продал земјиште по цена од едно евро за м2 а овој истото го препродал по 4 пати повисока цена“, додаде Трпески.

Горан Крстев, како што рече тој, е човек кој беше вмешан и во аферата Глобал, за која Зоран Заев беше аболициран од Бранко Црвенковски.