ВМРО-ДПМНЕ: СЈО изнесе невистини кои медиумите под контрола на СДС сега ги злоупотребуваат

ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира политичките нарачки кои ги одработува novatv.mk, се вели во демантот на партијата на вест објавена на порталот novatv.mk “Случај „Талир“: Груевски бил „мозокот“, а Рангелова оперативецот” и наведува дека таквите напис може да се третираат „како сѐ друго, освен како професионален новинарски текст“.

„Ниту претеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е ‘мозокот’, ниту претесдателката на Унија на Жени на ВМРО-ДПМЕН, Даниела Рангелова, е ‘оперативецот’. Двајцата и не може да бидат тоа што ги клевети novatv.mk од едноставна причина што нема ништо незаконско во финансирањето на партијата“, се наведува во реакцијата.

Се истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која „дејствувала, дејствува и ќе продолжи да дејствува“ врз основа на закон „и само врз основа на закон“, што е потврдено од страна на сите институции надлежни за проверка на финансиското работење на политичките партии.

„Обидот на СДС и нивната партиска испостава СЈО без докази, без факти и без аргументи да изврши компромитација и оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ е многу опасен и погрешен. Целта на СДС и СЈО е да се скрши ВМРО-ДПМНЕ, единствената политичка сила која се грижи и која ги брани националните, државните и граѓанските интереси, со цел да се скрши Македонија“, се наведува натаму во демант.

Од ВМРО-ДПМНЕ натаму велат дека СЈО во нивниот настап „при обидот да фабрикува афери, изнесе невистини кои медиумите под контрола на СДС“ сега ги злоупотребуваат.

„СЈО лажеше и за начинот на финасирање и околу изградбата на штабот. Медиумите под контрола на СДС имаат одговорност кон јавноста да ги објават фактите и на втората страна. Сиот имот на ВМРО-ДПМНЕ е законски стекнат. ВМРО-ДПМНЕ нема купувано ниви и ливади како што неточно наведе СЈО. Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ е изграден во целосна транспарентна, законска постапка, со примена на јавен повик за соинвеститерство, на кој секој субјект можеше да се пријави за изградба согласно деталниот урбанистички план. На овој повик имаше доставено 3 понуди. Во оваа постапка ВМРО-ДПМНЕ го отстапи земјиштето во строгиот атрактивен центар на Град Скопје, кое имаше своја пазарна вредност. Соинвеститорот имаше обврска за отстапеното земјиште да изгради објект и да отстапи соодветен простор за партијата, а тоа е централниот штаб. За разлика помеѓу вредноста на отстапениот простор и изградениот објект, инвеститорот имаше обврска да исплати надомест. ВМРО-ДПМНЕ нема добиено донација во оваа постапка како што беше неточно објавено од страна на СЈО“, се наведува во демантот.

Како лажна ја оценуваат и информацијата на СЈО дека наводно уплатите на партиската сметка во 2014 година биле реализирани во само 57 денови. Според ВМРо-ДПМНе, вистината е дека уплатите на партиската сметка во споменатата година биле реализирани во период во 202 дена, односно во текот на целата календарска година, и тоа на име членарини и донации.