ВМРО-ДПМНЕ: СЈО под диктат на СДСМ се впушта во политичка авантура

СДСМ и Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се едно исто и со глумењето на портпароли на Катица Јанева само потвдрија дека таа е нивен послушник, а дека тие се нарачатели на политички монтираните и неосновани обвиненија, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во врска со изјавата претходно од понеделникот на Бојан Стојкоски за координираноста меѓу партијата на власт и споменатото обвинителство.

„Сите кривични постапки кои СЈО ги покрена се крајно тендециозни и политички мотивирани. Акциите во изминатиов период што ги преземаше СЈО се во насока на оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое е под налог на Зоран Заев“ се вели во реакцијата.

Потсетуваат на јавните изјави на сегашниот преиер Заев дека не ги признава судските одлуки и не одеше на рочишта, а судот му го врати пасошот.

„Охрабрени од ваквите привилегии за Зоран Заев, кој има третман дека е над законот, СЈО се впушти во политичка авантура неосновано да бара мерки за обезбедување за неговите неистомисленици“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Порачуваат дека раководството на партијата нема намера да ја опструира правдата, затоа што не сторило ниту едно кривично дело и секогаш работело според Устав и законот.

„Барањата за притвор на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ беа желба на Заев со која би го елиминирал стравот од поразот кој го чека на локалните избори. Ова СЈО што го прави нема никаква допирна точка со правото и правдата. Сево ова на СЈО е само политика“, се додава во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ изразуваат увереност дека граѓаните ја разбрале и сфатиле улогата на СЈО, за коешто инсистираат дека работи под дикатот на СДСМ.

„Можеби сега Катица Јанева и нејзините соработници се чувствуваат моќни и недопирливи, бидејќи мислат дека Заев вечно ќе владее. Но да ги потсетиме дека реалноста е сосема поинаква. Зоран Заев ќе ја загуби власта и ќе се врати правната држава, а секој ќе сноси одговорност за незаконското работење“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.